ВИДЕО | Анкета: Граѓаните соголени до гола кожа – табла јајца со нова цена, поскапени и други прехранбени производи

Крајот на јануари донесе и ново големо поскапување на основните прехранбени производи, особено откако во Eвропа се намали производството на јајца, по уништените 50 милиони кокошки, патки и мисирки поради птичјиот грип.
Камерата на „Слободен печат“ посведочи на револтот на граѓаните, кои одлучија своите маки гласно и искрено да ги споделат со јавноста.
„Порано со една мала пензија можеше да се преживее, но сега веќе не. Постојано се покачуваат цените, ова е ужас! Табла јајца достигнува цена и до 300 денари, лебот, млекото и останатите основни продукти веќе се прескапи…“, вели една револтирана скопјанка.
Според друг граѓанин, основните прехранбени продукти станаа луксуз за обичниот народ во Македонија.
-Поминати се сите граници, кога цената на јајцата стана недостижна за нас, што останува за месото и млечните производи?, рече тој.
Птичјиот грип создава паника во регионот, особено ако се има во предвид дека во Србија и Хрватска веќе е најавено покачување на цената на јајцата до Велигден.
Инаку, според податоците од Државниот завод за статистика, цените на домашните производители на храна во декември 2022 година во однос на декември 2021 година се зголемиле за 20,1 проценти.