ВИДЕО | Анкета: Граѓаните се за сеопфатно сексуално образование во училиштата

Принсткрин / Слободна ТВ

Во три училишта во Скопје и едно во Тетово најпрво ќе започне да се применува пилот-програмата за сексуално образованиe, најави денеса министерката Мила Царовска, откако од претходно беше познато дека две од училиштата ќе бидат во урбана, а две во рурална средина.

– Станува збор за четири училишта од кои три во Скопје и едно во Тетово. Обуката на наставниците започна вчера од страна на Бирото за развој на образование, а се одвива со помош на  академија и граѓански организација – изјави Царовска при посетата на училиштето „Златен Сремец“ во Кисела Вода.

Наставниците почнаа со обука, какво знаење ќе добијат учениците?

Обуката за наставници е првата фаза од воведувањето на сексуалното образование во формалното образование. Пилот-програмата ќе се спроведува во четири основни училишта во Скопје и Тетово во урбана и рурална средина. При селекцијата, се користеа критериуми на правична застапеност на етничките заедници и градско-руралниот карактер на училиштата, стои во соопштението на ХЕРА.

Задачата на обуките е наставниците да се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми поврзани со оваа проблематика, а целта на пилот-програмата е сеопфатното сексуално бразование да биде дел од изборните предмети во овие училишта.

Дополнително пилот -програмата се очекува да овозможи и подготовка на соодветен наставен план за сексуалното образование кое би се изучувало и во основните и во средните училишта во иднина, согласно образовните реформи.

Сексуално образование не е „табу“ – стартува во две урбани и две рурални училишта

Од ХЕРА додаваат дека овој тип на образование во повеќе земји е дел од самиот систем, па уверуваат дека младите ќе имаат само придобивки од ова.

„Придобивките кои ги имаат државите кои го препознаваат сексуалното образование во формалниот образовен систем се превенција на рана, непланирана и непосакувана малолетничка бременост, млади кои се грижат за своето здравје, млади кои ќе научат кои се нивните права и како да ги заштитат, кои ќе научат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насилство и кои ќе знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство“, се додава во соопштението.

Истражувања и анкети за сеопфатно сексуално образование

Дали треба во училиштата да се воведе сеопфатно сексуално образование е прашање на кое и од порано се направени бројни анализи, анкети и истражувања, а кои вклучуваат повеќе наставници и родители.

Една од последните анкети како дел од истражување на ХЕРА на оваа тема, направена нешто порано годинава, покажува дека од вкупно 600 анонимни одговори на наставници и наставнички, може да се заклучи оти кај нив владее позитивна атмосфера за воведување на формална настава за сексуално образование.

„Меѓу 89 % и 99 % од дадените одговори го поддржуваат дополнувањето на официјалните наставни планови со следниве теми: заштита од сексуално насилство, вклучувајќи насилство на социјалните мрежи, телесни промени во пубертетот, разликите меѓу половите и родовата рамноправност, и карактеристиките на здравите врски“, стои во истражувањето на ХЕРА.

Како дел од истото истражување, направена е и телефонски анкета во која земале учество 800 родители на деца од школска возраст, а чии резултати покажуваат дека помеѓу 82 и 96 отсто од родителите се согласуваат младите да изучуваат теми кои сел од сексуалното образование во училиште.

Преку кратка анкета на „Слободен печат“ ги прашавме граѓаните кој е нивниот став за воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата.

Може да се заклучи дека поголемиот дел од граѓаните се за сексуална едукација, за која сметаат дека ќе им биде само од корист на најмладите.

-Зошто да не, најмладите би се едуцирале со цел во понатамошниот живот да знаат како треба да реагираат – вели еден од анкетираните.

Некои дури сметаат дека како држава ме сме задоцниле со овој чекор, односно дека сексуалното образование уште од порано треба да биде воведено во училиштата.

-Требаше од порано, а не сега. Уште од најмалата генерација треба да се воведе тој тип на образование. Има луѓе кои се специјализирани за таа област и можат да го пренесат тоа знаење. Но, јас мислам дека е доцна, бидејќи младите сега од порано почнуваат и со дроги, а тоа е поврзано со сексот, меѓутоа сепак тоа и сега може да донесе само позитивни промени – смета овој случаен минувач.

Друг испитаник смета дека познавањата околу сексот треба да се научат строго од училиште, а не преку родителите, бидејќи децата најчесто не сакаат пред нив да зборуваат на овие теми.

-Да, младите треба да знаат се, а не само да се информираат од интернет, бидејќи таму неретко има и многу лажни информации. Овие работи треба да ги научат во училиште за младите да не прават глупости, бидејќи им е срам пред ова да зборуваат пред родителите, потребно е тоа знаења да  го добијат од наставниците – вели анкетираното лице.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот