ВИДЕО | Ангелов: Со благи прилагодувања на реалноста, системот за управување со кризи би функционирал подобро

Стојанче Ангелов, директор на ЦУК/Фото: Слободен печат

Стојанче Ангелов како директор на Центарот за управување со кризи цело лето неуморно беше на терен меѓу пожарникарите, спасувачите и припадниците на армијата и полицијата кои интервенираа во кризни ситуации. Доминираа пожарите ова лето, за кои Ангелов вели дека имало многу поголем број но во функција оваа сезона беа и трите ер трактори на ДЗС, два полициски па и еден армиски хеликоптер и државава успешно се справи со нив.

Присуството на терен со припадниците на службите за интервенција е неопходно, вели Ангелов и додава дека таква е неговата природа, отсекогаш како професионален полицаец, полициски специјалец и војник постојано бил со своите соборци дури и кога командувал. Вели, има кондиција уште 15 години да издржи со ова темпо, поставувајжи повиски стандарди и принципи за работи за наследниците на раководната позиција во ЦУК.

– Многу поинаку е кога конмандувате, кога раковидите или кога координирате од лице место. Перцепцијата кога сте таму некаде кадешто гори, или кога некому му треба помош, таму кадешто некој во планина се повредил е сосема е поинаква, отколку кога седиме некаде на топло или во климатизирана просторија, кога е топло и мудруваме, вели Ангелов во интервјуто за емисијата „Слободен печат“.

– Има некои луѓе кои се многу мудри и се разбираат од ковид, од војната во украина, од војната на Блискиот исток, знаат се за Хамас, се за Израел, знаат и за некои тајни во Вселената итн. Но се се менува кога ќе дојдете на лице место. Перцепцијата е поинаква бидејжи се соочувате со суровата стварност. Лесно е да се каже дека немаме доволно авиони, доволно хеликоптери, нема доволно пожарникарски возило, опрема и пожарникари. Да нема доволно, но што правиме кога гори. Треба со тоа што имаме да се справиме со ситуација, пожар, поплава итн, вели Ангелов.

Работата на терен на Ангелов многу му помогнала ги увиди слабостите на Центарот за управување со кризи и клучните точки на кои треба да се работи.

-Во овој момент се сметам за најдобар практичен познавач на системот за управување со кризи во државата, вели нескромно Ангелов за себе.

Од друга страна и покрај својот ентузијазам и способност да искреира реформа на системот за управување со кризи, таа улога му е доделена на професор д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофски факултет- Скопје.

-Првото лето после оние големи пожари претседателот Стево Пендаровски го свика Советот за безбедност и на седница присуствував јас и Беким Максути од ДЗС и беше донесена насока и препорака до владата да формира работна група која итно ќе понуди решение за реформи на целиот систем за управување со кризи. Владата веднаш потоа донесе таква одлука, а мене ме задолжи да предложам реформи на системот за управување со кризи и да формирам работна група. Но извесно време потоа ја преправија таа одлука и потоа се вмеша политиката. Јас бев отстранет на еден начин од реформите и сега последната година Министерството за одбрана се наметна. Таму има еден професор Марјан Ѓуроски, сега тој е главен за реформи на системот за управување со кризи иако се сомневам дека најблиску до оган бил ако правел скара некаде. Значи ние генерално како држава зборуваме дека имаме одлични закони, но не ги применуваме и тука е проблемот. Но треба и да се запрашаме, за зошто не ги применуваме одличните закони, ако се толку одлични. Ние треба да понудиме решенија прилагодени на нашата сурова реалност, вели Ангелов.

Концептот кој го нудел Ангелов се темели на ресурсите со кои располага државата за кризен менаџмент и како тие да се искористат на најдобар можен начин.

-Можев да понудам многу подобар систем за управување со кризи со благи промени. Луѓето кои го поставиле овој систем за управување со кризи биле образовани и искусни. Не случајно е поставен вака системот за управување со кризи и не треба некои револуционерни промени. И треба да се направат некои благи прилагодувања на реалноста и системот би функционирал мноигу подобро и би додал дека и сега целиот систем функционира. Не очекувам да останам по изборите на оваа позиција и да бидам искрен оној којшто би ме наследил треба сериозно да се зафати со реформи на системот, вели Ангелов.

Бројот 112 за итни случаи не го знаат сите граѓани

Единствениот број за итни случаи 112 функционира веќе две години во рамки на ЦУК, но интерна анкета покажала дека граѓаните не се запознаени и не го користат.

-Направивме анкета и дури и јас бев непријатно изненаден од резултатите бидејќи излезе дека 2/3 од граѓаните не знаеја за бројот 112, односно слушнале, но не го користела. Ги повикувам граѓаните доколку им треба пожарна служба, полиција или итна медицинска помош или доколку се соочуваат со било каква друга опасност која што го загрозува нивното здравје, живот и имот слободно да се јават на бројот 112, нашите оператори ќе им помогнат понатаму. Сите разговори се снимаат и тоа ни овозможува да знаеме дали има грешки, ако има грешки да знаеме кој ги направил за да ги отстраниме во иднина, вели Ангелов.

Граѓаните може на овој телефонски број да пријават било каква опасност. Дел од повиците ги презема секторот за операција и координација во ЦУК кој ги наоѓа надлежните институции кои можат да дејствуваат по пријавата на граѓаните.

-Не само што ги наоѓаат туку и вршат притисок врз институциите. Може да се пофалам дека ние станавме мајстори, поправивме многу работи. Кога ние реагираме, работите се решаваат и ние обично отпосле објавуваме за да ги пофалиме оние коишто дејствувале,  вели Ангелов и додава дека после некоја пријава на 112 не можат да знаат дали е тоа вистина, па ги алармираме надлежните служби да проверат.

Целото интервју со Стојанче Ангелов погледнете го во продолжение:

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот