ВИДЕО | Андоновиќ: Трамповата администрација со две различни визии за крај на војната во Украина

Додека ситуацијата на боиштата во Украина не се смирува, во администрацијата на Трамп има сè поизразени поделби околу начинот на кој треба да се пристапи кон мирот со Москва. Двата клучни гласа кои ја обликуваат американската дипломатија кон војната во Украина – Стив Виткоф и Кит Келог – претставија радикално различни планови за ставање крај на конфликтот, предизвикувајќи длабоки тензии не само во Белата куќа, туку и меѓу сојузниците на САД.

Фокусот е ставен на иднината на четирите украински региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон – кои се делумно под руска окупација од почетокот на инвазијата во 2022 година. Додека едниот план предвидува признавање на рускиот суверенитет над тие територии, другиот се залага за воена поделба на земјата – слична на поствоен Берлин,  но без формално откажување од украинскиот суверенитет врз окупираните територии.

Стив Виткоф, близок соработник на Доналд Трамп и американски специјален пратеник за Блискиот Исток, влезе во центарот на вниманието кога му го претстави на претседателот Трамп предлогот со кој ќе се признае правото на Русија да контролира четири источни украински региони – Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје.

Предлогот дојде по вечерата на Виткоф со рускиот преговарач Кирил Дмитриев во Вашингтон. Според извештаите, средбата првично се одржала во приватна резиденција, предизвикувајќи загриженост за прекршување на безбедносните протоколи, со оглед на тоа дека Дмитриев е под американски санкции. Подоцна, средбата беше преместена во Белата куќа.

Виткоф смета дека признавањето на руската контрола врз споменатите области е „најбрзиот пат до прекин на огнот“ и мир. Тој го претстави планот како реален компромис кој може да го запре крвопролевањето и да ја отвори вратата за преговори за пошироко мировно решение.

Сепак, предлогот предизвика жестоки реакции. Јуриј Бојечко, директор на украинската невладина организација „Надеж за Украина“, ја осуди иницијативата на Виткоф, нарекувајќи ја „целосно неприфатлива“.

„Стив Виткоф во суштина им кажува на повеќе од 800.000 цивили во градовите Запорожје и Керсон да се евакуираат и бара од украинската влада да даде зелено светло за руската окупација на тие градови и села“, изјави Бојечко за Њузвик.

Загриженост има и во самата американска администрација, каде што неколку официјални лица сметаат дека таквиот предлог би значел награда за руската агресија и опасен преседан за меѓународното право.

За разлика од Виткоф, Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и поранешен советник за национална безбедност, претстави поинаква визија за повоениот поредок.
Планот на Келог предвидува тројна поделба на контролата на територијата на Украина.

Според тој модел, Западна Украина би била под заштита на сојузниците – конкретно Франција и Велика Британија, додека источниот и јужниот дел би останале под руска контрола, со средна зона која ја држат украинските вооружени сили. Во центарот на таа визија е формирањето на демилитаризирана зона долж сегашната линија на фронтот, широка околу 29 километри.

„Овој предлог е  нешто слично како Берлин по Втората светска војна, кога имавте руска, француска, британска и американска зона“, рече Келог во интервју за „Тајмс“.

Иако таквата поделба може да значи де факто замрзнување на конфликтот и потенцијално откажување од контролата врз некои територии, Келог инсистира на тоа дека Украина нема формално да го признае рускиот суверенитет. Тој нагласи дека присуството на сојузничките сили ќе биде „доброволно“, како дел од одвраќачка сила, а не окупација.

Келог, исто така, јасно стави до знаење дека Киев „никогаш нема да се согласи на отстапка што ќе ја легитимира руската сопственост на украинската територија“.
Она што е особено значајно за неговиот предлог е имплицитното признавање на реката Днепар како потенцијална линија за разграничување – првпат висок американски функционер јавно спомнува таква можност.

Келог сугерираше дека присуството на западните воени сили западно од реката Днепар нема да ја „провоцира“ Москва.

Меѓутоа, Русија го отфрли планот на Келог, не сакајќи да прифати модел кој не вклучува формално признавање на територијалните придобивки.

Ниту Украинците не се задоволни од предлогот.

„Повоен Берлин беше поделен затоа што нацистичка Германија започна војна низ Европа. Германија беше поразената страна, поделена од сојузниците за никогаш повеќе да не се крене. Украина, напротив, во оваа војна, не е агресор. Таа не изврши инвазија. Не анектираше. Не е жртва“, пишува „Еуромајдан“.

Целата анализа во видеото погоре во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот