ВИДЕО | Андоновиќ: За Русија влезот на Шведска и Финска во НАТО нема никакво значење?

Апликациите на Шведска и Финска за членство во НАТО/ Фото EPN / Newscom / Profimedia

Русија е толку моќна воена и политичка сила што овие земји немаат никакво значење во глобална стратешка смисла.

Вака гласи првичната реакција на официјална Москва по согласноста на Турција да дозволи Алијансата да се прошири со уште две нови земји членки, односно неутралните Шведска и Финска.

Според шефот на комисијата на Советот на Федерацијата за заштита на државниот суверенитет Андреј Климов учеството на северните соседи на Русија во Алијансата „нема да ги подобри“ нивните односи со Москва. Во исто време и Шведска и Финска имаа одредени придобивки од нивната неутралност, а со зајакнувањето на воената инфраструктура на нивната територија „ќе си направат проблеми“, смета Климов.

Министерство за одбрана Русија
Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

И покрај неколкунеделното противење, Турција конечно одлучи да го поддржи членството на Финска и Шведска во НАТО. До пресвртот во одлуката на Анкара дојде откако трите земји потпишаа меморандум за „да се обезбеди целосна поддршка против безбедносните закани за сите три земји“ по состанокот на самитот на НАТО во Мадрид.

Финска и Шведска во вторникот потпишаа трилатерален меморандум за разбирање со Турција, ветувајќи дека ќе ја решат безбедносната загриженост на Анкара во врска со нивниот став кон терористичките групи ПКК и ФЕТО, отворајќи го патот за нивното членство во НАТО

,,Финска и Шведска потврдуваат дека ПКК е забранета терористичка организација. Финска и Шведска се обврзуваат да ги спречат активностите на ПКК и сите други терористички организации и нивните проширувања, како и активностите на поединци во сродни и инспирирани групи или мрежи поврзани со овие терористички организации. Турција, Финска и Шведска се согласија да ја зајакнат соработката за да ги спречат активностите на овие терористички групи. Финска и Шведска ги отфрлаат целите на овие терористички организации, нешто што во минатото не беше пракса. Финска и Шведска се обврзаа и да го отфрлаат и осудуваат тероризмот во сите негови форми и манифестации. Финска и Шведска недвосмислено ги осудуваат сите терористички организации кои ја напаѓаат Турција и ја изразуваат својата најдлабока солидарност со Турција и семејствата на жртвите.

Со оваа одлука практично Алијансата се засилува со уште две нови членки. И Шведска и Финска имаат силни и добро обучени армии, што дополнително ќе направи притисок врз и онака тензичната атмосфера на релација НАТО -Русија.

НАТО трупи / Балтик / EPA-EFE/Valda Kalnina

Нивното членство ќе ја принуди Русија да ангажира дополнителни трупи долж границата со Финска, но и ќе ги исполни стравувањата за се помасовно приближување на НАТО кон руските граници.

Калининград / EPA-EFE/VALDA KALNINA

Геостратешки, со влезот на Финска и Шведска, Балтичкото Море практично ќе се претвори во „езеро на НАТО“ бидејќи речиси целиот Балтик ќе биде под контрола на Севрноаталнската алијанса. Со овој развој на настаните, руската екстериторијална енклава Калининград ќе биде дополнително изолирана што ќе ги засили и онака растечките тензии, но може да ја принуди Русија да преземе и воени акции , со цел да го деблокира Калининград каде има стационирано силна воена флота и околу 150 илјади војници.

Сето ова ја зголемува опасноста, воениот конфликт од Украина да се прошири кон други држави .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот