ВИДЕО | Андоновиќ: За прв пат во историјата Вашингтон воведува санкции кон Приштина, а дава поддршка за Белград

Фото Слободен печат

Соединетите Американски Држави вчера двапати во период од само час и половина и воведоа санкции на Приштина. Прво беше откажано учеството на Косово во вежбата „Дифендер Европа 2023“, потоа на владините претставници на Албин Курти им беше забранета понатамошна посета на САД, но и закана дека Вашингтон ќе ја суспендира поддршката и лобирањето за интеграција на Косово во меѓународните институции.

Повеќе од сигурно е дека САД не ја менува политиката ниту пак ставот за независноста на Косово, но од вчерашните изјави на, американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер јасно е дека на Американците им е доста од политиката на Курти на постојани провокации и дестабилизација на северот на Косово.

Ховениер вчера јасно и недвосмислено го впери прстот кон Курти како виновник за актуелната состојба истакнувајќи ја загриженоста за повредените војници на КФОР кои настрадале како резултат на одлуките што ги донел премиерот Курти

Ховениер го повтори и барањето на САД од властите во Приштина: да не инсистираат новите градоначалници да работат од општинските згради и косовските полицајци да се повлечат од трите општински згради на северот каде живее мнозинско српско население.

Во меѓувреме јавноста со денови ги следи драматичните сцени од Звечан каде беа повредени повеќе од 70 лица, како и Лепосавиќ и Зубин Поток. Сè кулминираше со интервенција на КФОР.

Администрацијата на САД веќе не сака да толерира ризикување на животите на војниците на НАТО и дестабилизирање на ситуацијата на Косово, можеби неповратно, па затоа американскиот сојузник Приштина вчера попладне ја доби првата шлаканица.

Ховениер рече дека откажувањето на учеството на Косово во вежбата „Дифендер Европа 2023“ е првата последица за Владата на Косово, која ги отфрли повиците на Вашингтон за деескалација на ситуацијата на северот.

Она што се шпекулира во јавноста е секако заканата од воведување меѓународен протекторат на северот на Косово може најмногу да и наштети на Приштина. Тоа би бил јасен сигнал до сите земји кои не ја признаваат независноста, а особено до оние во ЕУ, дека не треба да го менуваат својот став.

Курти синоќа во видеопорака одговори на најавата за американски санкции за Косово и го прогласи Косово за „најдемократска земја на Западниот Балкан“, додавајќи дека „демократијата не може да биде суспендирана, ниту да биде нечиј заложник“.

Курти изјави дека градоначалниците избрани на 23 април и покрај речиси без излезност на изборите, сепак се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради и да раководат со општините.

Во меѓувреме генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека НАТО ќе распореди уште 700 војници засилување на мисијата КФОР на Косово.

Во меѓувреме, пред зградата на општина Звечан и утринава продолжија протестите на голем број граѓани. Претставници на Србите најавија дека денешните протести ќе будат помасовни. Тие бараат повлекување на косовската специјална полиција и преземање на целосната контрола од КФОР, и пуштање на слобода на нивните двајца сограѓани кои биле уапсени, претепани и во моментов се наоѓаат во притвор

Ситуацијата во моментов е мирна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот