ВИДЕО | Андоновиќ: Вучиќ незадоволен од коалицијата, ќе распише вонредни парламентарни избори

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

Српскиот претседател Александар Вучиќ е незадоволен од однесувањето на најсилниот коалиционен партнер, Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ и најавува распишување на вонредни парламентарни избори. Освен од социјалистите, Вучиќ изјави дека е разочаран и од одредени партиски функционери на неговата партија кои, како што изјави, освен лично богатење и корупција, ништо друго немаат остварено.

„Подобро е да се оди во опозиција отколку да се остави партиски и приватни интереси да ја водат државата. Подготвен сум да одам на избори како кандидат за премиер, но нема да попуштам на уцени – ни од Запад, ни од СПС, ни од лажни десничари“, изјавил Вучиќ на средба на врвот на Српската напредна партија, пренесоа провладините медиуми.

Изборите најрано ќе се одржат во септември годинава, а кандидат за премиер ќе биде Вучиќ, потврдиле извори од СНС за српските медиуми.

Навестувањето за целосна промена на актуелната политичка панорама во Србија се појави на сумирањето на неодамнешната седница на Националното собрание посветена на Косово. Шефот на државата и лидер на најсилната политичка опција во Србија изјави дека СНС е сама во одбрана на државните интереси и дека со себе го има народот, но не и коалицските партнери со кои ја дели власта.

„Многу сум разочаран од однесувањето на социјалистите, кои беа некаде помеѓу, сакајќи да им угодат на сите“, наводно изјавил Вучиќ на овој партиски состанок

Вучиќ рече и дека „доста му е од корумпирани луѓе кои сакале да се збогатат на сметка на партијата, честопати повикувајќи се на него во нивните матни афери и секогаш кога требало да се борат за државата и народот, тие биле првите кои вртат грб“, наведуваат српските медиуми.

Овој политчки земјотрес доаѓа во време кога Белград и актуелната српска власт се појасно најавува дека ќе го прифати неодамна предложениот француско-германски предлог за дијалог со Косово. И натаму останува главен камен на сопнување барањето од овој предлог, а тоа е Србија да се откаже од блокадата на Косово да аплицира во меѓународните институции, што посредно значи дека, дава согласност Косово да аплицира за полноправно членство на Обединетите Нации.

Со ова, според Белград преќутно ќе му се даде и признавање на Косово како независна држава.

Српскиот претседател вчера преку социјалните мрежи му порача на специјалниот американски пратеник Габриел Ескобар дека Србија никогаш нема да ја признае косовската независност, старо нова позиција за која во овој момент не е јасно каква ќе биде реакцијата на меѓународната заедница.

Дополнително оддалечување на дијалогот меѓу двете страни доаѓа и ултиматот на косовскиот премиер Албин Курти кој изјави дека бара Србија да престане да лобира кај одредени држави за нивно отповикување на признавањето на косовската независност. Приштина бара и Белград да упати позитивни сигнали до 5-те држави членки на ЕУ кои досега одбиваа, сега да се согласат и да ја признаат независноста на Косово.

Околу главното српско барање, формирање на заедницата на Српски општини, Курти изјави дека Приштина е подготвена да дозволи, но само доколку во таа заедница влезат и општини со мнозинско несрпско население. Практично, Приштина бара ЗСО да не биде етнички чиста заедница туку во неа да партиципираат и општини со други националнoсти кои живеат на Косово.

Сите овие случувања засега укажуваат дека решението и продолжувањето на дијалогот Приштина-Белград, повторно се одолговлекува.

Останува да се види како ќе завршат политичките превирања во Србија но и во Косово, од што зависи и политиката од која треба да произлезе конечното решавање на косовското прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот