ВИДЕО | Андоновиќ: Враќањето на Трамп, кошмар за републиканците и за демократите?

Фото Слободен печат

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за ракување со доверливи документи по напуштањето на Белата куќа.

Трамп се соочува со седум точки од обвинението, вклучително и незаконско задржување на доверливи документи и попречување на правдата, обвиненија за заговор, лажно сведочење, и незаконско поседување тајни документи според Законот за шпионажа.

Тоа е второ обвинение против Трамп и прво на федерално ниво против поранешниот претседател.

Обвинението, поднесено од Министерството за правда, претставува уште еден правен предизвик за Трамп, кој сака да се врати во Белата куќа следната година.

Тој неодамна беше обвинет во Њујорк по 34 точки од обвинението за прикривање на вонбрачна врска за време на предизборната кампања и е предмет на истраги во Вашингтон и Атланта кои може да резултираат со кривични обвиненија.

Трамп утринава на социјалните мрежи веќе објави дека во вторник мора да се појави во судница во Мајами.

„Јас сум невин човек“, напиша Трамп на платформата „Трут Соушл“.

Министерството за правда истражуваше дали Трамп лошо постапил со доверливите документи, откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.

Откако го пребарале неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, пред речиси една година, истражителите заплениле околу 13.000 документи, а 100 од нив содржеле доверливи информации што морало да бидат заштитени.

Трамп претходно се бранеше со тврдење дека тие документи повеќе не се доверливи бидејќи тој како претседател ги декласифицирал, но за тоа не понуди никаков доказ.

Минатата недела се појавија извештаи дека обвинителите добиле аудиоснимка на која Трамп признава дека го чувал доверливиот документ откако ја напуштил Белата куќа во јануари 2021 година.

Спротивно на американскиот закон е федералните службеници – вклучително и претседателот – да отстрануваат или складираат доверливи документи на неовластени локации.

Трамп беше претседател на САД од 2017 до 2021 година, а е фаворит за републиканската претседателска номинација. Тој тврди дека е жртва на политички мотивиран лов на вештерки и го обвинува Министерството за правда за пристрасност.

Тој води кампања за враќање во Белата куќа на изборите во 2024 година.

Правните експерти велат дека обвинението нема да го спречи Трамп повторно да се кандидира за претседател.

„Тој може да биде отповикан многу пати и тоа нема да го спречи неговото право и способност да се кандидира за функцијата“, велат американските правни експерти

Според американските закони Трамп може да продолжи да се кандидира за функцијата претседател дури и ако биде осуден.

Според анкетите на јавното мислење, Трамп во моментов води во трката за номинација на престедателски кандидат на републиканците за Белата куќа.

Трамп веќе доби поддршка од неколку видни и влијателни републиканци

Претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти рече дека е „неморално претседателот Бајден да подига обвинение против водечкиот противник“ во освојувањето на претседателската функција следната година.

И Рон Десантис, кој се смета за главен ривал на Трамп за републиканската претседателска номинација во 2024 година, го поддржа Трамп обвинувајќи дека во САД со години постои селективна примена на законите во зависност од политичката определба.

„Администрацијата на Десантис ќе бара одговорност од луѓето од Министерството за правда и ќе застане на патот на политичката пристрасност и злоупотреби“, додаде Десантис.

Вивек Рамасвами, кој исто така се кандидира, рече дека доколку победи „ќе се обврзе веднаш да го помилува Трамп на 20 јануари 2025 година и да го врати владеењето на правото во земјата“.

Но, друг кандидат, Аса Хачинсон, смета дека актите што наводно ги извршил Трамп „не треба да ја дефинираат нацијата или Републиканската партија“.

Во април, Трамп стана првиот поранешен претседател на САД обвинет за кривично дело.

Во тоа време, тој се изјасни за невин по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги за плаќање пари на порно ѕвезда.

Тој ќе се соочи со судење во Њујорк следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот