ВИДЕО | Андоновиќ: Уривањето на Асад – увертира за конечната пресметка на Турција со Курдите во Сирија

Во напад на турско беспилотно летал, во област под контрола на Курдите во Северна Сирија загинаа 11 цивили, меѓу кои шест деца, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

Нападот се случи еден ден откако бунтовниците предводени од исламистите во молскавична офанзива го соборија претседателот Башар ал Асад.

Борбите избија во саботата во Манбиџ, град под контрола на Курдите во близина на сириско-турската граница, меѓу бунтовничките групи, едната поддржана од САД, а другата од Турција.

Најмалку 22 припадници на Сириските демократски сили (SDF) поддржани од САД се убиени во Манбиџ и неговата околина, а 40 други се ранети, соопшти курдската група, а пренесуваат западните медиуми.

Судирите му претходеа на состанокот во неделата меѓу министерот за одбрана Лојд Џ. Остин и неговиот турски колега, министерот за одбрана Јасар Ѓулер, пишува Њујорк тајмс.

„Протурските фракции (СНА) … зазедоа големи области на градот Манбиџ во Источен Алепо, по насилните судири со Воениот совет во Манбиџ“, соопшти Опсерваторијата.

Советот е поврзан со Сириските демократски сили, де факто армијата на полуавтономната курдска администрација која контролира голем дел од североисточна Сирија.

Претходно овој месец, Опсерваторијата рече дека протурските борци го зазеле стратешкиот северен град Тал Рифат од курдските сили, паралелно со големата бунтовничка офанзива против режимот на Асад.

Турските сили и нивните посредници контролираат делови од територијата во Северна Сирија од 2016 година, кога почнаа да ги напаѓаат курдските борци што ги поврзуваат со група која предводи децениска војна против турската држава.

Анкара ги гледа сириските курдски Единици за заштита на народот (YPG), како огранок на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани со нова копнена инвазија за да ја преземе контролата врз три области под контрола на Курдите во Северна Сирија, вклучувајќи го и Тал Рифат.

Турција во неделата соопшти дека сака да помогне да се „гарантира безбедноста“ во Сирија по падот на Асад и дека ќе работи да ги спречи курдските сили да го прошират своето влијание во Сирија. Анкара се противи на секакво распаѓање на Сирија, вклучително и добивање на автономија на Курдите.

Командантот на курдските сили во Сирија ги поздрави „историските“ моменти од падот на „авторитарниот режим“ на Башар ал Асад во неделата.
„Во Сирија живееме историски моменти додека сме сведоци на падот на авторитарниот режим во Дамаск“, рече на Телеграм Мазлум Абди, кој е на чело на Сириските демократски сили, кои контролираат делови од Североисточна Сирија.
Курдското малцинство во Сирија, кое воспостави полуавтономна администрација во Североисточна Сирија, беше исклучено од претходните рунди на преговорите меѓу владата и опозицијата во Женева под покровителство на ОН.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција може да започне нова офанзива во Северна Сирија за да создаде нови безбедни зони долж нејзината граница, откако во петокот рече дека со новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе разговара за можно повлекување на преостанатите американски војници од Сирија.

Турција и нејзините паравоени сили во Сирија  „сакаат да го искористат сегашниот хаос за повторно да ја нацртаат картата во корист на Турција“, ја пренесува Њујорк тајмс оценката на доброите познавачи на состојбите.

„Тие ја користат преокупацијата на Дамаск со други прашања за да продолжат да го прошируваат своето влијание во ова време на хаос и да ги  поткопаат Курдите во Сирија, за да се осигураат дека нивната  моќ е ослабена“, пренесува Њујорк тајмс.

Вакуумот на власта создаден со падот на Асад претставува можност за Турција да ја зголеми својата моќ и влијание во Сирија воопшто, но особено долж нејзината граница.

Инаку, таткото на Башар ел Асад, Хафез ал-Асад, кој со Сирија владееше од 1970 до 2000 година, неколку години им даваше засолниште на турските курдски милитанти на Курдистанската работничка партија (ПКК).

Сепак оваа помош имаше за цел да ја отежне позицијата на Турција, а не од некакви симпатии на Дамаск кон Курдите.

Во граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Курдите не застанаа на страната на режимот на Асад, ниту пак ја поддржаа опозицијата, која ја сметаа за противник на курдската автономија, исто како што противници беа и тогашните власти во Дамаск.

Како што некои сириски бунтовници стануваа поисламистички ориентирани, сириските Курди беа сè позагрижени.

Иако сириските Курди се претежно сунитски муслимани, тие се повеќе мејнстрим во нивните религиозни убедувања отколку исламистичките фракции, а најмилитантните меѓу нив се секуларните поддржувачи на Партијата за демократски сојуз (ПИД), која споделува еден вид утопистичка комунистичка идеологија заедно со Курдската работничка партија (ПКК).

Дополнителен проблем се и различните интереси на САД и на Турција во Сирија.

Турција и САД се членки на НАТО  и заедно  го прославија соборувањето на сирискиот диктатор Башар ал-Асад, но нивните интереси се разминуваат околу поддршката за Курдите во Северна Сирија, далеку од главниот град Дамаск.

Курдите беа клучен партнер на САД во борбата против Исламската држава, исламистичка група која зазеде големи делови од територијата на почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година.

Курдите сега контролираат голем дел од Североисточна Сирија под автономна цивилна администрација. Околу 900 американски војници се распоредени во Сирија за поддршка на курдските сили, иако неколку илјади беа повлечени при крајот на првиот мандат на Трамп.

Во Сирија има околу два милиони Курди или десет отсто од населението во земјата. Тие зборуваат курдски (кириманџиски дијалект), но повеќето зборуваат и арапски, а многу Курди барем делумно се асимилирани во арапското општество.

Повеќето се сунитски муслимани. Околу една третина од нив живеат во подножјето на планините Бик северно од Алепо, а исто толку долж турската граница во Џазира.

Уште десет отсто од нив се распоредени во близина на Џарабулус североисточно од Алепо, а 10-15 отсто во Хаја ал-Акрад (Курдскиот кварт) на периферијата на Дамаск.

Курдскиот народ е етничка малцинска група без официјална држава. Пред Првата светска војна, Курдите живееле номадски начин на живот до распадот на Отоманската империја, по што се нашле во неколку новосоздадени држави.

Денеска има околу 25-30 милиони Курди, од кои повеќето живеат во регион кој се протега низ делови од Турција, Ирак, Иран, Сирија и Ерменија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот