ВИДЕО | Андоновиќ: Украина нема да седне на иста преговарачка маса со САД и Русија, Европа изоставена од преговорите за мир?

Официјален Киев не е поканет на разговори во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија со цел да се стави крај на војната во Украина.

Американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, изјави дека „Киев ќе биде вклучен во разговорите во понеделник во Саудиска Арабија“, но извор на Би-би-си тврди дека нема да присуствува делегација од Украина.

Европските лидери, исто така, не се поканети да се приклучат на разговорите, и  наместо тоа, ќе се сретнат денеска во Париз на самит организиран набрзина од францускиот претседател Емануел Макрон, бидејќи се зголемуваат стравувањата дека Европа е изоставена од преговорите.

Одделните состаноци доаѓаат по турбулентната недела во која Вашингтон сигнализираше драстична промена во пристапот кон војната во Украина.

Пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, потврди дека патува во Саудиска Арабија во недела навечер на првите разговори лице в лице меѓу САД и Русија за ставање крај на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата откри дека Виткоф се сретнал со Путин и средбата траела приближно три часа.

Виткоф, милијардер и пријател на Трамп, беше во Москва оваа недела за да обезбеди ослободување на американскиот наставник приведен во Русија поради обвинение за поседување марихуана.

Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц, исто така, треба да се сретнат со руските преговарачи во Саудиска Арабија.

Зеленски неколкупати досега јавно го отфрли прифаќањето на мировниот договор без Украина, велејќи за американската телевизиска мрежа Ен-би-си  дека „никогаш нема да прифати какви било одлуки меѓу САД и Русија без да се праша  Украина.

Од друга страна, од САД доаѓаат контрадикторни пораки.

Спцејалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф претходно изјави дека американските официјални лица разговарале одделно со украинските официјални преставници и дека Украина е „дел од преговорите“ – но не кажа дали очекува Киев да биде присутен во Саудиска Арабија.

И самиот Трамп вчера во неформална изјава рече  дека очекува Зеленски да биде вклучен во преговорите, но не кажа како. Тој исто така рече дека ќе им дозволи на европските нации да купуваат американско оружје за Украина.

Од друга страна шефот на американскиот Стејт Департмент, Марко Рубио го минимизираше значењето на разговорите во Саудиска Арабија, велејќи дека една средба нема да ја реши војната и дека формален преговарачки процес – кој ќе посредува меѓу Украина, Русија и трети страни – сè уште не е воспоставен.

Тој, сепак за Си-би-ес њуз изјави  дека следните неколку дена ќе утврдат дали Путин е сериозен за постигнување мир.

Состаноците означуваат забрзување на напорите на Трамп да постигне брз крај на војната.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател имал „долг“ телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во средата, по што Трамп рекол дека преговорите за ставање крај на „смешната војна“ во Украина ќе започнат веднаш.

Тој, исто така, рече дека не е „практично“ Украина да се приклучи на НАТО и дека е „малку веројатно“ дека може да се врати на границите пред инвазијата од 2014 година.

Зеленски во саботата повика на создавање на европска армија, тврдејќи дека европскиот континент повеќе не може да смета на Вашингтон.

Целата анализа во видеото погоре во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот