ВИДЕО | Андоновиќ: Tри сценарија за уривањето на браната во Нова Каховка

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат, EPA-EFE/GEORGE IVANCHENKO

Сè уште останува мистерија за тоа кој стои зад завчерашното минирањето на украинската брана кај Нова Каховка

Анализите тргнаа во три насоки, но, според западните медиуми, најверојатно е дека Русија стои зад уривањето

Само еден ден откако Украинците, очигледно, конечно ја започнаа својата долгоочекувана контраофанзива, се појави веста дека се урна огромна брана во близина на Нова Каховка, град на јужната страна на реката Дњепар, кој сè уште е под руска контрола.

Паралелно со видеоснимките од огромниот порој што се случи низводно кон градот Херсон и со извештаите за последиците од оваа поплава предизвикана од човечки фактор, серија меѓусебни обвинувања следеше по воспоставената шема: Украина и нејзините сојузници ја обвинуваат Русија, Русија и нејзините поддржувачи ја обвинуваат Украина.

Украинците тврдат дека руската армија ја разнела браната откако била минирана како мерка на претпазливост кон крајот на минатата година, но, како што посочи Киев не се знае со сигурност дали навистина браната била разнесена со експлозив.

Наспроти ова руските воени сили тврдат дека украинските војници ја уништиле браната со артилериски или ракетни напади, како што обвинуваа во минатото, но ниту за тоа не понудија докази, а на фотографиите и видеата од уништената брана не се гледаат кратерите, типични за ракетни напади.

Прво сценарио: Русите ја урнале браната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини „руските терористи“ за саботажата и им порача дека „нема да можат да ја запрат Украина ниту со вода, ниту со проектили“. Во подоцнежната изјава тој прецизираше дека Русите ја разнеле браната, а потоа ја разнеле „од внатре“ околу 3 часот наутро во вторникот. А локалните жители почнаа да објавуваат на социјалните мрежи дека слушнале голема експлозија токму во моментот кога била пробиена браната.

Но, барем не досега, Украинците не презентираа докази за руската вина за уривањето на браната, иако претседателот на украинскиот Совет за национална безбедност, Олексеј Данилов, тврдеше дека има разузнавачки податоци според кои руската 205-та моторизирана бригада го извршила бомбардирањето на браната. На социјалните мрежи протекла и наводната преписка на членовите на таа бригада за плановите за минирање.

И инженерските и воените експерти се согласуваат со нивната верзија на настаните и оценуваат дека намерната детонација во браната е најверојатната причина. Структурен неуспех или надворешен напад се можни, но помалку веројатни објаснувања, додаваат тие, објаснувајќи дека за надворешен ракетен удар ќе биде потребно многу поголемо количество експлозив за да произведе ефект споредлив со внатрешна детонација.

Идентично тврдење дадоа и експертите од „Укрхидроенерго“ компанија која управува со браната според кои ракетен напад немал да предизвика такво уништување бидејќи оваа електрана била изградена да издржи атомска бомба“

Американските власти за Ен-Би-Си потврдија и дека според нивните разузнавачки податоци, токму Русија е одговорна за уривањето на браната.

Браната висока 30 метри и долга 3 километри имаше патека за моторни возила на врвот, која воено беше и последниот мост за премин на реката Дњепар кон југот на земјата. Некои аналитичари шпекулираат дека Русите можеби сакале да го уништат само тој патен коридор.Со оглед на тоа дека Дњепар е сегашната демаркациона линија, јасно е дека можеби овој мост бил клучен за евентуалното спроведување на украинската контраофанзива.

По уривањето на ова последно премостување на широкото корито на реката Дњепар единствена опција за украинската контраофанзива е изведување на високо ризичен десант преку оваа огромна река или ограничување на воената акција на делот од земјата источно од Дњепар. Украинското Министерство за одбрана, призна дека тоа „ја прекинува секоја надеж дека трупите на украинската армија ќе можат да извршат успешен напад преку реката“, со што призна дека изведување на десант не е реална опција.

Исто така, јасно е дека ова е значително олеснување за страната која се брани, во случајот Русија и, барем на краток рок, сака да ја задржи освоената територија бидејќи целосно ги исцрпила своите офанзивни способности. Затоа, сосема е можно да се работи за „хистерична реакција“ на руските сили во страв од напад, како што тврди украинската армија. На тој ден Украинците започнаа пробив на источниот фронт, но јасно е дека Русите очекуваа напад и во областа Херсон.

Второ сценарио – Украинците ја уништиле браната

Рускиот градоначалник на Нова Каховка, Владимир Леонтиев, минирањето на браната го нарече украински „терористички напад“,

Значајно е и тоа што руската страна ја менуваше приказната за инцидентот неколку пати во ист ден – вклучувајќи го и самиот Леонтиев, кој, како што не потсетува украинскиот независен новинар Володимир Третјак, ја демантираше веста дека браната била крената во воздух во 6 часот наутро во вторникот. и тврдеше дека не се знае зошто се зголемува нивото на водата. Еден час подоцна тој ги обвини Украинците дека ја гранатирале браната.

Руската армија распоредена во регионот Запорожје, соопшти дека браната се урнала поради претходно оштетување и притисок на водата. Тие ја нарекоа намерна саботажа од украинската страна“

И руските и украинските власти сега се зафатени со евакуација и спасување на погодените жители, иако многу жители под контрола на Русија велат дека се оставени сами на себе. Експертите наведуваат дека поради слегнување на левиот брег на Днепар, поплавите се поинтензивни на таа, односно на руската страна. Малиот град Олешки на тој брег е целосно под вода.

Според некои извештаи, поројот веќе ги однел руските одбранбени утврдувања на линијата на фронтот, како и минските полиња што ги поставија за да ја запрат украинската офанзива.

Резервоарот на хидроцентралата Нова Каховка, кој содржеше околу 18 кубни километри вода, снабдува со вода за пиење речиси два милиони жители на полуостровот Крим. Таа, исто така, ја снабдува нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, со вода за ладење на нејзините реактори. И Крим и делот на Запорожје каде се наоѓа нуклеарната централа се под руска воена контрола, а Москва формално ги анектираше во 2014 и 2022 година.

Резервоарот го снабдува Крим со вода за пиење преку канал кој Украинците претходно го блокираа поради руската окупација, како и нуклеарната централа Запорожје, инаку најголема во Европа, северно од браната. Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, предупреди на опасноста што им се заканува на нуклеарните реактори во случај на продолжен недостиг на вода, но додаде дека не постои непосредна опасност бидејќи нуклеарната централа Запорожје има алтернативни извори на вода.

Сето ова укажува на фактот дека Русија ќе загуби повеќе со пробивањето на браната од Украинците, што го поставува прашањето – дали Укрианина сепак имала поголем интерес за саботажа односно уништувањето на браната?

Како доказ на оваа теза тие се повикуваат на наводен напис на „Вашингтон пост“ од декември минатата година, според кој украинскиот генерал Андриј Ковалчук извршил „пробен напад“ со американскиот ракетен систем HIMARS врз горниот дел на браната, со цел да провери дали тоа може да предизвика контролирано зголемување на нивото на водата. Во написот се наведува дека тестот бил успешен, но дека на крајот украинците сепак се откажале од изведување на таков радикален потег.

Некои од светските критичари кои ги поистоветуваат идентично и Киев и Москва како одговорни за оваа војна велат дека ако Украинците го разнесоа Северниот тек, зошто не би ја кренале во воздух и браната Нова Каховка.

Третото сценарио – Пред да се урне браната, претходно била оштетена

Меѓутоа, постои и трето сценарио – ниту Русите ниту Украинците намерно не ја уништиле браната, туку дека таа попуштила под притисок на многу високиот водостој и претходните оштетувања.

Сателитските снимки објавени од американската компанија Maxar Technologies покажуват дека браната била оштетена еден ден пред целосно да биде уништена.

Исто така, жителите на блиското село минатиот месец се пожалиле за појава локални поплави, за што го обвинија руското управување со браната, тврдејќи во интервју за Ројтерс дека нивото на водата почнало да расте во април, понекогаш и до 30 см дневно, и дека оттогаш водостојот во овој дел на реката останал покачен.

Меѓусебните обвинувања продолжуваат а исходот за тоа кој ќе испадне виновен веројатно ќе се дознае откако ќе биде познат победникот и поразениот во оваа војна.

А можеби ни тогаш нема да биде обелоденет виновникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот