ВИДЕО | Андоновиќ: Три причини зошто Путин е во посета на Северна Кореја

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Рускиот претседател Владимир Путин пристигнува во Северна Кореја, што е негова прва посета на оваа земја по 24 години. Посетата претставува чекор кон поблиски политички, воени и економски врски меѓу двете земји.

Путин и се заблагодари на Северна Кореја за нејзината „цврста поддршка“ на Русија во Украина и вети дека Москва ќе остане на напорите на Пјонгјанг да ги брани своите интереси, кои, како што ги нарече „се под жесток „Американски притисок, уцени и воени закани“.

Путин очекува дека двете земји ќе продолжат „одлучно да се спротивставуваат на западните амбиции да го попречат воспоставувањето мултиполарен светски поредок заснован на заемно почитување на правдата“.

Кога Путин последен пат ја посети Северна Кореја во 2000 година, на власт беше корејскиот лидер Ким Џонг Ил, татко на сегашниот севернокорејски претседател Ким Џонг Ун.

„Ако суштината на претходната средба меѓу двајцата лидери беше да се постават темелите на нивниот однос, оваа посета значи дека е постигнат значителен напредок, сметаат светските аналитичари.

Претстојниот состанок го привлече вниманието на светот на прашањето за степенот на воена соработка што би можело да се договори на средбата.

Се очекува тие да ги зајакнат врските во културниот, земјоделскиот, економскиот и туристичкиот сектор.

Друг важен аспект што треба да се земе предвид е како Путин планира да се позиционира кон напредната размена на оружје на Северна Кореја и нејзината нуклеарна програма.

Во оваа соработка, западот ја гледа реализацијата на заканите на Путин кој претходно најави дека ќе ги вооружува сите непријатели на западот, како одмазда за нивната помош во оружје на Украина.

Како што руската инвазија на Украина се одолговлекува повеќе од две и пол години, Северна Кореја и Русија стануваат сè позависни една од друга пред сè во снабдување со оружје муниција и воена опрема.

Повеќе од јасно е дека на Русија и треба оружје и пред сè муниција поради војната во Украина која трае 846 дена, со жестоки борби, додека пак на Северна Кореја и треба руска технологија.

Двете земји би можеле да договорат поблиска воена соработка, која би вклучувала заеднички развој на системи за оружје.

Се очекува Северна Кореја да бара повеќе од храна и гориво во замена за оружјето што би го испратила во Русија.

Особено по неуспешното лансирање на извидувачки сателит во мај, Северна Кореја може да побара од Русија техничка помош во аеронаутиката технологија, предвидува д-р Нам.

Како лидер во вселенската технологија, Русија би можела да биде од клучна помош за Северна Кореја за успешно лансирање на повеќе сателити.

Се очекува и Северна Кореја да побара руска поддршка за да ги подобри своите сателити за извидување и да изгради свои нуклеарни подморници.

Путин досега многупати негодуваше и по прашањето за западното оружје кое влегува во Украина и се закани за можна употреба на нуклеарно оружје.

Сепак, нуклеарната соработка или споделувањето нуклеарно оружје на Корејскиот полуостров и североисточна Азија би предизвикало голема реакција од соседните земји и големите сили како што се САД, сметаат добрите познавачи на состојбите, според кои, барем засега не се очекува двајцата лидери да разговараат на овие теми.

Втора цел на посетата на Путин секако се од економската сфера, односно проширување на економската соработка, меѓу двете земји.

Повеќе од јасно е дека на Русија која е под целосни санкции и треба работа но и работна сила, додека пак на Северна Кореја, која е исто така под целосни санкции и треба девизен прилив за нејзината економија.

На Северна Кореја во моментов најмногу и се потребни „девизи заработени од работници“ од Русија.

Ова ја отвора можноста Северна Кореја да испрати повеќе работници во Русија.

На Русија, пак, и е потребна работна сила за обнова на зградите и инфраструктурата оштетени од војната и за заживување на економијата.

Сепак, санкциите на Советот за безбедност на Обединетите нации против Северна Кореја им забрануваат на нејзините работници да работат во странство.

Затоа, доколку Русија, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, официјално почне да вработува работници од Северна Кореја, тоа најверојатно ќе предизвика големо негодување во меѓународната заедница.

Сите очи ќе бидат насочени кон пристапот на двете земји кон економската соработка во услови на меѓународни санкции и дипломатски притисок од западот.

Трето и според многумина ништо помалку важно прашање во односите меѓу двете земји секако е културната размена. Таа според најавите подразбира и развивање на туризмот во Северна Кореја, кој според тамошните власти, бележи пораст.

Русија ги продолжи групните турнеи во Северна Кореја, кои беа суспендирани од февруари 2020 година поради пандемијата „Ковид-19“.

Патничките возови меѓу Северна Кореја и Русија исто така беа обновени на 6 јуни, за прв пат по речиси четири години.

Москва излезе со податок дека повеќе од 400 руски туристи патувале во Северна Кореја меѓу февруари и мај 2024 година, а неколку руски туристички агенции на своите веб-страници нудат четири или петдневни тури до Северна Кореја за 750 долари.

Агенциите наведуваат дека за овие пари групните тури во Северна Кореја вклучуваат посети на планината Паекту, обиколки на историски места во Северна Кореја и присуствување на прославите по повод годишнината од Корејската војна.

Многумина светски аналитичари се согласни дека, иако недоволно развиен сепак севернокорејскиот туризам станува важен начин за социо-културна размена и подобрување на меѓународниот имиџ на земјата надвор од економските придобивки.

Едно е сигурно. Од оваа посета на Путин на Северна Кореа, Русија очекува да се врати на меѓународната сцена, додека Северна Кореја се обидува да ги зголеми контактите со надворешниот свет од кој со децении е целосно изолиран.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот