ВИДЕО | Андоновиќ: Три можни сценарија за иднината на Сирија
Крајот на бруталното повеќедецениско владеење на семејството Асад во Сирија, по воената операција предводена од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), покренува значајни прашања за иднината на земјата.
Водачот на ХТС, Абу Мухамед ал Џолани вети дека ќе ја обедини Сирија, но останува неизвесно дали може да ја постигне таа цел. Таа ќе зависи пред сè од соработката меѓу сите групи во Сирија, но и од рамнотежата на интересите на светските сили.
Со оглед на ситуацијата која брзо се менува, тешко е да се предвиди иднината на Сирија.
Првото сценариoо би било Обединета Сирија.
Тоа во најдобар случај би значело групацијата која го предводеше уривањето на режимот на Асад, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), да им дозволи на другите граѓански политички групи да работат заедно со нив за да управуваат одговорно.
Земјата би можела да поттикне повоена средина на национално помирување, избегнувајќи го маѓепсаниот круг на одмазда и грабеж како што се гледа во соседните држави, што инаку би можело да доведе до нов конфликт.
Предводникот на оваа групација Ал Џолани повика на единство и взаемно почитување меѓу различните сириски секти, кои, повеќе од очигледно имаат различни агенди.
„ХТС се позиционираше како отворена за одржлива, мирна транзиција во Сирија, но ситуацијата е крајно нестабилна“, сметаат експертите. На југ, племенските милиции – кои никогаш не го признаа владеењето на семејството Асад – сега веројатно нема да ја следат ниту новата влада во Дамаск.
На исток, остатоците од таканаречената Исламска држава продолжуваат да претставуваат закана, што ги предизвика САД да започнат повторно со воздушни напади.
Групите предводени од Курдите, кои уживаат поддршка од САД, контролираат делови од северозападниот дел на земјата.
Овие фракции, исто така, со години се борат против бунтовничките групи поддржани од Турција во Северна Сирија и неодамна имаше обновени борби во тие области.
Има и многу опозициски групи и политички блокови кои се појавија по 2011 година надвор од Сирија.
Не се знае дали овие поединци или групи ќе се вратат во земјата и ќе бидат дел од кој било процес на политичка транзиција. Сето ова укажува дека можноста за обединета влада во Сирија е неизвесна.
Светските аналитичари ја забележаа и контрадикторноста на изјавите на предводникот на ХТЦ, Ал Џолани.
Дахер, заедно со други експерти, смета дека ова сценарио е малку веројатно, укажувајќи на противречностите во првото јавно обраќање на Џолани.
Тој прво најави дека транзицијата ќе ја надгледува премиерот на поранешниот режим. После тоа, тој го номинираше премиерот на Владата за национален спас (Мухамед ал-Башир) – владата во Идлиб под власта на ХТС.
На почетокот оваа власт управуваше само со Идлиб, а сега управува со вториот и третиот по големина град Алепо, Хама, Хомс и Дамаск, како и со главниот град. Затоа ќе има потреба од поделба на власта во таа област.
Оттука се појавува и второто сценарија за иднината на Сирија. Авторитарна и еднострана контрола на ХТС, по примерот на владеењето на Талибанците во Авганистан. ХТС да ја консолидира власта преку авторитарни мерки, слични на режимот на Асад.
Џолани веќе се етаблираше во Идлиб – некогаш најголемото упориште на бунтовниците во северозападна Сирија и дом на околу четири милиони луѓе, од кои многумина беа раселени од други сириски провинции – со Влада на националниот спас кој извршуваше цивилни функции, а истовремено водел и шеријатски верски совет.
Џолани се обидува да покаже дека ХТС може ефективно да управува со тоа што ќе даде приоритет на стабилноста и јавните услуги.
Но, додека има контрола врз Идлиб, критичарите велат дека групата ги маргинализирала ривалските милитантни фракции и го задушувала секое несогласување.
Пред офанзивата предводена од ХТС на 27 ноември, во Идлиб избувнаа протести, при што тврдокорните исламисти и сириските активисти ја обвинија ХТС за авторитарно однесување.
„ХТС главно ја консолидираше моќта преку репресија, иако исто така ја консолидираше моќта со вклучување на сите опозициски вооружени групи во Идлиб и давајќи им услуги на службите“. Но, неговото владеење се карактеризираше и со сурова репресија и затворање на политичките противници“, велат аналитичарите.
Како одговор на овие критики, ХТС воведе реформи, како што се распуштање на контроверзните безбедносни сили обвинети за кршење на човековите права и создавање оддел за жалби за примање поплаки од граѓаните.
Сепак, критичарите тврдат дека реформите се само фасада за смирување на бунтот.
Третото и најлошото сценарио би била отворена граѓанска војна, Сирија да западне во хаос, слично на последиците од Арапската пролет во другите земји.
Моамер ел Гадафи во Либија и Садам Хусеин во Ирак беа соборени без подготвена замена, а странската интервенција ја зголеми катастрофалната ситуација во двете земји.
Критичарите велат дека вакуумот што го оставија авторитарните владетели е исполнет со бранови на грабежи, одмазда, борби за моќ и граѓанска војна.
Во ова сценарио, борбата за моќ меѓу различни сириски вооружени групи може да доведе до широко распространето насилство, дестабилизирајќи ја не само Сирија, туку и целиот регион.
Во првото обраќање новопоставениот премиер Ал-Башир вознемири многумина и навести за можниот правец на новата влада, односно да го следи талибанскиот модел, создавајќи Исламска држава управувана од шеријатот.
Секој од овие исходи ќе зависи и од активностите на странските сили, велат експертите.
Со децении Асад се потпираше на поддршката на Иран и Русија.
Во тоа време, Турција, западните земји и земјите од Персискиот залив поддржуваа различни опозициски групи.
Во последните денови, Израел ја гаѓаше сириската воена инфраструктура и призна дека неговите трупи оперираат на сириска територија надвор од демилитаризираната тампон зона меѓу Сирија и Голанската висорамнина окупирана од Израел.
Израел вели дека извршил стотици воздушни напади во Сирија откако Асад избега од земјата, уништувајќи ги „поголемиот дел од сириските залихи стратешко оружје“, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги предупреди сириските бунтовнички сили да не дозволат Иран да го „врати влијанието“ во земјата.
Тоа доведе Турција и другите земји од Блискиот Исток да го обвинат Израел дека го искористил падот на Асад.
Аналитичарите сметаат дека акциите на Израел може да ја „дестабилизираат Сирија со слабеење на владата или охрабрување на тврдокорните струи“.
Од друга страна Турција би можела да го искористи вакумот на власта во Сирија и да се пресмета со сириските Курди.
Сирија одамна е под меѓународни санкции и експерите се согласни дека меѓународните санкции за Сирија треба да бидат укинати за да се поддржи економската обнова и дека странските сили треба да испратат хуманитарна помош.