ВИДЕО | Андоновиќ: Тесна победа на Ердоган за мандат полн со предизвици

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат, EPA, NECATI SAVAS

Реџеп Таип Ердоган го зацементира својот статус на највлијателна личност во модерната историја на Турција, откако победи на вториот круг од претседателските избори што го продолжи неговото дводецениско владеење до 2028 година.

Лидерот со најдолг стаж во поновата историја на Турција победи на вториот круг од претседателските избори во неделата против неговиот опонент кандидатот од опозицијата Кемал Киличдароглу, со што неговото владеење ќе продолжи во третата деценија, врз основа на резултатите со речиси сите преброени гласачки ливчиња.

Победата иако многумина ја нарекоа пирова, сепак ги демантираше анкетите кои предвидуваа дека тој е поблиску до пораз од кога било.

Ердоган го победи својот секуларен ривал од опозицијата Киличдароглу за четири процентни поени – најтесно од сите други избори, но доволно за да ја заврши својата политичка кариера непоразен на националните избори.

„Го завршивме вториот круг од претседателските избори во корист на нашата нација. Единствен победник на овие избори е Турција, победија сите 85 милиони луѓе. Вашата волја стана турска неуништлива сила“ – рече Ердоган во обраќањето пред поддржувачите, веднаш по затворањето на изборните места.

Официјалната Врховна изборна комисија допрва треба да ги потврди резултатите. Ердоган во првиот круг според првите резултати Ердоган имаше големо водство кое во текот на вечерта се намали, но сепак на крај победи.

Турскиот јавен радиодифузен сервис ТРТ објави дека одѕивот бил 84,88 отсто.

Киличдароглу, лидерот на социјалдемократската Републиканска народна партија и заеднички кандидат на шестпартиската алијанса, според анкетите во пресрет на првиот круг имаше предност, а некои дури мислеа дека и тогаш ќе успее да обезбеди победа.

Но, тоа не се случи, а бидејќи третиот кандидат од првиот круг, националистот Синан Оган изјави дека ќе го поддржи Ердоган во вториот круг, изборите станаа уште понеизвесни, но приоритет се даде на актуелниот претседател,

Политичките аналитичари велат дека победата на Ердоган ја истакнува поларизацијата во турското општество, особено јазот меѓу исламистите и секуларистите. Додека голем дел од турскиот брег, големите градови и главно курдскиот југоисток гласаа за Киличдароглу, внатрешноста на земјата силно го поддржа Ердоган.

Поддржувачите на опозицијата, исто така, тврдат дека изборите се одраз на цврстото и недемократско владеење на Ердоган, вклучувајќи го и неговото речиси целосно влијание врз медиумите во земјата, кои во голема мера се контролирани од групи пријателски настроени корпорации кон владејачката партија на Ердоган.

Многумина од светските аналитичари сметаат дека по реизборот Ердоган го очекуваат големи предизвици во новиот претседателски мандат.

Според Блумберг, најбитното прашање за инвеститорите сега е дали Ердоган ќе се држи до своето ветување дека ќе ја одржи економската политика во живот, по егзодусот на странските пари. За светските лидери, важно е како Турција ја одржува својата деликатна рамнотежа меѓу сојузниците во НАТО и Русија додека претседателот Владимир Путин продолжува да води војна во Украина.

„Можеби го продолжи своето рекордно владеење, но неговиот нов мандат ќе биде полн со предизвици од економијата до надворешната политика“, согласни се експертите.

Кога станува збор за надворешната политика, уште пет години на Ердоган веројатно ќе значат дека Турција повторно ќе ја потврди својата улога на тампон-зона за мигрантите кои се упатуваат кон Европа. Ердоган, исто така, ќе работи на одржување на извозот на жито од Црното Море, откако обезбеди уште едно продолжување на договорот пред две недели.

Турскиот претседател, исто така, планира да се заложи за мир во Украина, но најверојатно ќе продолжи да се воздржува од воведување санкции кон Русија бидејќи Турција смета дека тие се контрапродуктивни, велат турските експерти запознаени со намерите на Ердоган

Останува прашањето дали Турција ќе создаде нови проблеми за членството на Шведска во НАТО алијансата.

Во неговиот нов мандат, се очекува Ердоган да му дава сè поголем приоритет на развојот на домашната одбранбена индустрија на Турција бидејќи бара воена предност за да ги поддржи неговите аспирации Турција да ја направи регионална сила, изјавија извори за Блумберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот