ВИДЕО | Андоновиќ: Тензиите меѓу САД и НАТО влијаат на Балканот?

Александар Вучиќ, Милорад Додик и Зоран Милановиќ
Александар Вучиќ, Милорад Додик и Зоран Милановиќ / Фото: EPA-EFE

Политичката нестабилност на Црна Гора, континуираниот замрзнат конфликт во Босна и Херцеговина и Косово, предизборјето и неутралноста на Србија, се чини дека добиваат на тензичност како резултат на руско-западниот конфликт околу Украина.

Црна Гора е пред паѓање на владата и најверојатно вонредни парламентарни избори. Премиерот Кривокапиќ го става на гласање разрешувањето на својот потпретседател Абазовиќ, кој се обидува да го урне кабинетот во кој и самиот е потпретседател и формира малцинска влада во Црна Гора. Обидите на Абазовиќ се оценети како влијание на западните разузнавачки служби, кои според обвинувањата на Белград, имаат за цел да го вратат поразениот на избори, Мило Ѓукановиќ.

Во Босна и Херцеговина денеска, во посредство на САД и ЕУ, започнаа расправата за изборни измени во федерацијата. Таму подолго време членот на тројното федерално претседателство, претставник на Србите, Милорад Додик се залага и најавува отцепување на српскиот ентитет и прогласување на Р. Српска како независна држава. Многумина на Западот во Додик гледаат руско влијание, особено поради неговата блискот со рускиот претседател Владимир Путин. Токму Р. Српска се смета и како последно упориште на руското влијание на Балканот, нешто што во актуелната состојба на конфронтациите меѓу НАТО и Русија, секако не е состојба која Западот би ја толерирал. Како една од првите мерки секако се воведените санкции на САД и сојузниците кон Додик.

Но, овие санкции предизвикаа неочекувани реакции во регионот. Но, не од Белград, туку од Загреб и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Милановиќ вчера ја шокираше јавноста откако изјави дека секој оној кој од Хрватска гласа за воведување санкции кон Додик ќе се смета за предавник. Милановиќ во изјавата појасни дека е подготвен да ги разреши сите оние хрватски претставници кои во Брисел би се обиделе да гласаат за санкции кон Додик, притоа јавно давајќи му поддршка на српскиот член на тројното претседателство и критикувајќи го муслиманскиот член Бакир Изетбеговиќ. Изјавата на Милановиќ веќе е протолкувана како најава дека Милановиќ, по урнекот на некогашната српска политика, се обидува да ги присоедини Хрватите од Босна и Херцеговина кон матицата Република Хрватска.

Наспроти него, Белград како да е воздржан или речиси не дава никаква поддршка за нивниот сонародник Додик, кој патем повеќе пати се сретнал со рускиот претседател Путин од српскиот претседател Александар Вучиќ.

И додека Хрватска најавува дека како членка на НАТО нема да испраќа војници при евентуален конфликт во Украина, Србија како неутрална засега држава продолжува мака да мачи со Косово.

На Косово продолжуваат мерките на Приштина кон српските производи, но и засилено полициско присуство во местата каде живее српско население. Особен проблем за Вучиќ е и предизборието во пресрет на евентуален негов реизбор, изборна трка закажана за трети април. Опозицијата, иако разединета, веќе му прави главоболки преку разни протести низ улиците на Белград. И сето тоа во време на, можеби, најголемата безбедносна криза по завршувањето на Студената војна меѓу Русија и Западот. Големите, речиси секогаш, во пресрет на конфликти со себе рамните, првo ги решаваат проблемите кај малите држави.

Во наредниов период ќе се види дали украинската криза може да ги забрза процесите на решавање на проблемите на Балканот или можеби дополнително ќе ги закомплицира?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот