ВИДЕО | Андоновиќ: Северна Кореја излегува од целосна изолација – стапи во сила одбранбениот договор со Русија

Стапи во сила договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја, што во јуни го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин, објавија денеска медиумите на двете земји.

Ова партнерство ги обврзува двете земји да пружат воена помош „без одлагање“ во случај на напад на другата држава и за заеднички да настапуваат во случај на воведување на западни санкции.

Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација беше потпишан во Пјонгјанг на 19 јуни 2024 година, со цел продлабочување на партнерството и стратешката интеракција на широк опсег на полиња, а беше ратификуван од Русија и Северна Кореја во ноември годинава.

Официјализирањето на договорот доаѓа откако САД и Јужна Кореја го обвинија нуклеарно вооружениот Север дека испратил повеќе од 10.000 војници да ѝ помогнат на Русија во борбата против Украина.

Експертите велат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун сака за возврат да добие напредна технологија и борбено искуство за своите сили од Москва.

Ким и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор за стратешко партнерство за време на посетата на шефот на Кремљ на Пјонгјанг.

Овој договор практично значи дека Северна Кореја полека излегува од целосната изолација, односно влегува во партнерство со држави кои исто така се изолирани од Западот.

Со овој договор Пјонгјанг практично го легетимира испраќањето на свои војници да се борат во Украина од страна на Русија. Освен што нејзината армија ќе добие воено искуство на боиштата каде војуваат Русите, Северна Кореја се надева дека ќе добие софистицирано руско оружје и најнова ракетна технологија.

Ако досега застарената воена технологија ги правеше непријателите на Северна Кореја спокојни, сега  најзасегнатата Јужна Кореја станува потенцијална жртва при евентуален конфликт на Корејскиот Полуостров.
Останува да се види кој ќе биде одговорт на Западот, пред сè на САД на овој договор.

На поделениот Корејски Полуостров САД имаат распоредено 70 илјади војници кои треба да бидат гарант на безбедноста на Јужна Кореја.

Останува да се види дали во рамките на овој договор, Русија планира да направи своја воена база на Корејскиот Полуостров?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот