ВИДЕО | Андоновиќ: Се зголемува јазот меѓу руските генерали и платениците на Вагнер и Чеченците?

Анализа со Дејан Андоновиќ / Утрински печат, 12 јануари 2023 / Слободен печат

Руско-украинската војна влегува во 324 ден. Руската армија по подолго време еуфорично ја слави победата во заземањето на градот Соледар, кој се смета за стратешка точка за целосно освојување на регионот Донецк.

Паралелно со ова освојување, прво по подолго време, руската армија врши жестоки артилериски и ракетни напади врз одредени точки низ цела Украина. За време на викендoт руски проектил погодил стамбен блок во градот Днепар, каде според последните информации загинале 35 цивили меѓу кои и деца. Случајно или не, во исто време рускиот претседател Владимир Путин по подолго време излезе во јавноста со оценка дека Русија е задоволна од текот на одвивањето на воената интервенција и дека таа оди според планот.

Паралелно со овој исход од борбите во Украина беа изведени и смени во командната структура на руските воени сили. За некого изнендадување и унапредување, а за некого нормална ротција или уназадување.

Началникот на рускиот генераштаб Валериј Герасимов стана главен командант на сите операции кој во нив треба да ги инкорпорира сите родови на армијата. Досегашниот командант, прославениот Валериј Суровикин, беше назначен од главен во заменик.

Објавувањето на армискиот генерал Герасимов за началник на Генералштабот на руската армија, како командант на „специјалната воена операција“ во Украина, изненади многумина.

Не затоа што врховниот командант на вооружените сили ја презеде командата со воените операции, туку затоа што тоа е враќање на човекот чија смена беше најавувана до западните медиуми и чија смена активно ја бараа руските ултранационалисти како Евгениј Пригожин, финансиерот на групацијата „Вагнер“ и Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер.

Поранешниот командант на армијата, генерал Сергеј Суровикин, миленик на екстремните националисти, е деградиран на позицијата заменик, а истата функција ќе ја имаат армискиот генерал Олег Саљуков и генерал-полковник Алексеј Ким.

– Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин, Министерството за одбрана да ја објави одлуката, за разлика од претходните случаи кога промените се спроведуваа во тајност, укажува дека Кремљ го смета назначувањето на Герасимов за голема промена – како во спроведувањето на војната и во претставувањето на улогата на Министерството за одбрана. Назначувањето на Герасимов испраќа сигнал и во странство и во Русија дека Кремљ има доверба во традиционалната структура на армијата и дека Путин е подготвен за долготрајна војна. Дополнително, назначувањето претставува уште два обида на Кремљ: да ја подобри командата, но и да ја зајакне позицијата на луѓето од Министерството за одбрана против блогерите и бизнис воинитите как Пригожин – наведува во својот институт за проучување на војната во својата анализа.

Сите овие промени се случуваат среде битката за Бахмут, како и внатре во Соледар, мало гратче чие освојување најпрвин го најавија Вагнерците, а потоа и руското Министерство за одбрана.

– Ниту една друга единица освен Вагнер не учествуваше во нападот на Соледар – објави финансиерот на Вагнер Пригожин, сакајки да го прикажѓе освојувањето на Соледар како негов личен успех.

– Руската армија ја презеде контролата над Соледар. Тоа овозможи постојано бомбардирање на непријателот од земја и од воздух, како и операција на артилерија на руските сили – соопшти во петокот Министерството за одбрана на Русија, без да го спомене учеството на војниците на Вагнер.

Двете спротивставени тврдења само дополнително го илустрираат јазот меѓу генералите и платениците на Вагнеровата група.

И самата украинса страна, која патем не признава дека го загубила градот Соледар започна со коментари околу јазот во рускиот воен врв кој очигледно се пресликува и во функционирањето на командниот ланец на теренот.

– По 324 дена војна, сè се промени за Русија. Веќе се натпреваруваат кој ја има заслугата за некаков тактички пробив. Тоа е јасен сигнал за неуспех на непријателот. И уште еден знак да извршиме уште поголем притисок врз окупаторите и да му нанесеме уште поголеми загуби на непријателот – изјави украинскиот престедател Володимир Зеленски.

Фракцијата на Пригожин и Кадиров доживеа нов пораз еден ден пред именувањето на Герасимов – генерал-полковник Александар Лапин беше прогласен за началник на Генералштабот на копнените сили на руската армија. По загубата на градот Лиман, Кадиров рече дека на Лапин треба да му се одземат сите чинови и медали и да биде фрлен на фронтот како војник, што го поддржува и Пригожин. Сепак, Лапин сега е помоќен од кога било досега.

Во светските, но и руските анализи наголемо се коментира дека префрлањето на истите поединци од една на друга одговорна функција укажува дека не оди според планот.

Во овој раздор се појави и трета струја – ултранационалистот Игор Гиркин Стрелов, поранешен лидер на силите на Доњецката Народна Република.

Тој досега го прозиваше неуспехот на руската армија, го критикуваше Кремљ, па дури и Владимир Путин, а сега го нападна и Кадиров.

– Зошто исчезнаа снимките на чеченските единици во битките? Затоа што Русите победуваа, а Чеченците се снимаа во позадина. Сега кога нема победи, нема ни Чеченци. Ги видов во Доњецк, ги има, но јасно е дека на теренот никогаш не го имаа влијанието што го имаа на интернет – изјавил Стрелков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот