ВИДЕО | Андоновиќ: Руската победа во Украина ќе ја охрабри Кина за напад врз Тајван?

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

Оваа дилема практично ја обнови генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој е во рамките на својата посета на Јужна Кореја и Јапонија.

Посетата на Столтенберг на Далечниот Исток за многумина остана енигма, особено што во време на војна во Украина, генерален секретар на Северноатлантската алијанса оди во регион кој не е во домен на НАТО.

Оттаму се подгреаја и сомневањата дека нешто се случува во замрзнатиот конфликт наречен Тајван и пред сѐ експанзијата на Кина на Пацификот.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг и јапонскиот премиер Фумио Кишида ветија дека ќе ги зајакнат врските, оценувајќи дека руската инвазија на Украина и растечката воена соработка на Русија со Кина создале најнапната безбедносна атмосфера од Втората светска војна.

Загрижени поради нуклеарните закани на Москва, заедничките воени вежби меѓу Русија и Кина во близина на Јапонија и развојот на нуклеарно оружје во Северна Кореја, Столтенберг и Кишида во заедничката изјава по состанокот ја оценија со зборовите: „Светот е на историски пресврт во најстрогата и најсложената безбедносна средина од крајот на Втората светска војна.”

Столтенберг, кој во Јапонија допатува од Јужна Кореја, оцени дека руската победа во Украина ќе ја охрабри Кина во време кога таа ја зајакнува својата војска, „ги малтретира соседите и му се заканува на Тајван“.

Затоа војната во Украина не е само европска криза, туку и предизвик за светскиот поредок, изјави Столтенберг додавајќи дека „Пекинг внимателно следи и учи лекции кои можат да влијаат на неговите идни одлуки“. Она што се случува денес во Европа, утре може да се случи во Источна Азија“, гласи ставот на НАТО.

Пекинг и Пјонгјанг го обвинија НАТО дека ја користи војната во Украина за да го прошири своето влијание и менталитетот на Студената војна во азиско-пацифичкиот регион. Затоа посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Јужна Кореја и Јапонија беше протолкувана во согласност со новата стратегија на воената алијанса дека „Русија е најголемата директна закана“, а Кина е „системски предизвик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот