ВИДЕО | Андоновиќ: Русите основаат нова приватна војска – „Вагнер“ и Пригожин „пуштени низ вода“?

Фото Слободен печат

Премиерот на Крим, Сергеј Аксјонов го регрутирал поранешниот командант приватната воена компанија Вагнер која делува во Африка за да ја предводи неговата нова руска платеничка формација.

Единицата сега брои околу 300 војници, и веќе е распоредена во делови на јужната украинска област Херсон.

– Станува збор за приватната воена компанија на Аксјонов, но целата група ја сочинуваат поранешни борци на „Вагнер“, изјавил еден од платениците на новата воена формација за ТВ „Русија-24“.

На оваа телевизија бил емитуван краток документарен приказ на кој платениците на новата руска приватна војска тренираат боречки вештини, гаѓање со тешко и лесно вооружување и поставување мини. Руските опозициски медиуми го идентификувале командантот на оваа воена формација како Константин Пикалов, кој работел како командант на „Вагнер“ единицата распоредена во Мадагаскар и Централноафриканската Република.

Аксјонов не ги коментираше овие наводи, но опозициските медиуми ја опишуваат новата воена формација како дел од резервните сили на руската армија, бидејќи нејзините борци, наводно, потпишале договор и со платеничката единица и со Министерството за одбрана.

Платениците на „Вагнер“ во минатото се заслужни за романтизирањето на концептот на смел платеник во Русија, иако повеќето од нејзините борци се осудени убијци или дилери на дрога, регрутирани од руските затвори, наведува британски Телеграф.

Пред да ја нападне Украина, Кремљ ја држеше групата „Вагнер“ подалеку од центарот на вниманието, претпочитајќи да ја користи како во Африка и на Блискиот Исток за поддршка на клиентите-диктатори, оценува британскиот весник.

„Вагнер“ сега отворено регрутира во руските градови, неговите загинати борци се погребани со највисоки воени почести, а продавниците во Москва продаваат сувенири и покуќнина со брендот „Вагнер“.

Но наводите дека се формира нова руска приватна војска ги подгреа шпекулациите дека можеби Путин и генералите во Кремљ сакаат да го пуштат низ вода сопственикот на Вагнер Евгениј Пригожин. Пригожин изминатиов период на неколкупати влезе во директен судир со генералите од генералштабот на Руската армија и пред сè со министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Пригожин ги критикуваше руските генерали и воени команданти дека измината година слабо и непрофесионално ги водат воените операции во Украина поради што на неколкупати беа принудени на срамно повлекување од одредени области. Откако тој и неговата Вагнер ја добија задачата за освојување на стратешки (не) важниот Бахмут, го обвинуваше министерот Шојгу и началникот на генералштабот Герасимов дека ненавремено ги снабдуваат Вагнер единиците со потребната муниција и воени материјални средства.Овие обвинувања беа обидот на Пригожин да го оправда спорното напредување кон Бахмут кој и после неколку месечни крвави борби сѐ уште е под контрола на Украинската војска.

Во изминатиот период наголемо се објавуваа нескриените амбиции на Пригожин за некаква поголема позиција во Кремљ, која наводно требаше да ја добие како резултат на работата која неговата Вагнер група треба да ја одработи во војната во Украина. Дури се шпекулираше дека Пригожин би можел да го замени и самиот Путин, но сето тоа остана само на ниво на шпекулациите.

Фактот дека Пригожин пројавуваше амбиции за високи позиции во политичкиот естаблишмент во Москва, во најмала рака да му биде десна рака на Путин, ги подгреа шпекулациите дека евентуалната нова приватна воена формација всушност треба полека да му го намали просторот на Пригожин да има некаква клучна улога во оваа војна

Западните разузнавачки агенции проценуваат дека околу 10.000 платеници „Вагнер“ биле убиени во борбите во Украина од околу 50.000 распоредени.

Евгениј Пригожин, шефот на Вагнер, исто така рече дека 5.000 поранешни осудени платеници „Вагнер“, регрутирани од редот на осудените кои биле во затвор, биле помилувани по шестмесечна служба на фронтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот