ВИДЕО| Андоновиќ: Разговор со Путин, еден од првите чекори на Трамп по инаугурацијата

Трамп планира да издаде повеќе од 100 извршни наредби и директиви за широк спектар на прашања, вклучително и миграцијата, енергијата и новите царини за Кина, Канада и Мексико

Доналд Трамп денеска положува заклетва со што ќе стане 47-ми претседател на САД. Официјалната церемонија се очекува да се одржи околу 18:00 часот по средно европско време.

Свечената инаугурација, која вообичаено се одржува надвор од Капитол, беше преместена внатре поради големиот студ. Имено, се очекуваат температури до -11 °C.

Според објавениот распоред, откако ќе положи заклетва како 47. претседател на САД, Трамп ќе и се обрати на нацијата, а потоа со свечена парада  низ градот ќе замине во  Белата куќа.

Во пресрет на инагурацијата Трамп веќе најави кои  ќе бидат неговите први чекори како претседател.

Тој веќе им наложил на своите соработници да договорат тој телефонски да разговара со рускиот претседател Владимир Путин во деновите откако ќе ја положи заклетвата, со цел да закаже средба лице в лице во наредните месеци. за ставање крај на војната во Украина, јавува СИ-ЕН-Ен повикувајќи се на неименувани извори.

Изворите велат дека претставници на тимот за национална безбедност на Трамп почнале да работат на закажување телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред неколку недели.

Телевизиската мрежа СИ-ЕН-ЕН соопшти дека не е познато дали датумот за телефонскиот разговор е веќе одреден. Трамп не разговарал директно со Путин речиси три години.

За време на предизборната кампања, Трамп вети дека ќе стави крај на конфликтот во Украина во рок од еден ден по полагањето на заклетвата.

Од другите чекори веднаш по денешната инаугурација, според најавите Трамп планира да издаде повеќе од 100 извршни наредби и директиви за широк спектар на прашања, вклучително и миграцијата, енергијата и новите царини за Кина, Канада и Мексико,

Кандидатот на Трамп за советник за национална безбедност, Мајк Волц, истакна дека граничните прашања се најитните и дека американските гласачи му дале јасен мандат на Трамп да ги „затвори границите на САД, да ги депортира, како што ги нарече најлошите и да започне борба против картелите. ”

Трамп кон крајот на декември вети дека веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари, ќе ја започне „најголемата операција за депортација во американската историја“.

Покрај тоа, Трамп вети дека ќе го прекине автоматското државјанство за оние родени во САД чии родители се илегално во САД.

Тој рече и дека на првиот ден од мандатот, 20 јануари, ќе престане со, како што истакна  „трансродовото лудило“, наведувајќи дека под негова администрација ќе има два пола – машки и женски.

За време на предизборната кампања, тој вети дека ќе ги намали трошоците за живот на Американците благодарение на различниот пристап кон енергетските ресурси. Трамп, исто така, вети дека ќе ја зголеми експлоатацијата на нафтата.

Изворите велат дека Трамп исто така планира повторно да ги повлече САД од Парискиот договор за климата, што веќе го направи за време на неговиот прв мандат.

Според извори, планира да го забрани и увозот на електрични автомобили, компоненти и материјали за батерии од Кина.

Трамп најави и зголемување на царините за производите увезени од Кина, Мексико и Канада.

Тој, исто така, најави дека ќе преземе итни мерки за помилување на некои од стотиците луѓе кои се осудени или обвинети во врска со нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на неговите поддржувачи.

Исто така, планира да ги класифицира нарко-картелите како странски терористички организации.

Трамп, исто така, најави дека ќе ја откаже работата од дома на федералните вработени што беше воведена за време на пандемијата на корона и се закани дека ќе ги отпушти сите оние што нема да ги почитуваат овие наредби.

Целата анализа во видеото погоре во текстот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот