
ВИДЕО | Андоновиќ: Путин сака да ја продолжи војната, ама да не го налути Трамп?
Рускиот претседател Владимир Путин денеска за прв пат зборуваше за предлогот за 30-дневен прекин на огнот што беше усвоен на состанокот на делегациите на САД и Украина на неодамнешниот состанок во Џеда, Саудиска Арабија. Тој рече дека се согласува со предлогот, но има многу прашања. Всушност, зборот „но“ беше повторен неколку пати за време на неговото обраќање, а многумина веруваат дека Путин не е баш подготвен одеднаш да се согласи на привремен мир.
Препорачано
„Кој ќе издаде наредби за прекин на воените дејствија и колку ќе вредат тие наредби? – праша Путин.
Рускиот претседател, исто така, праша кој ќе одлучи каде ќе се случи „прекршување на можниот договор за прекин на огнот“ по должина од 2.000 километри, алудирајќи на должината на границата меѓу Русија и Украина.
„Сите овие прашања треба внимателно да се проучат од двете страни“, рече тој, додавајќи дека идејата за прекин на огнот „е добра и дека апсолутно ја поддржува, но дека остануваат прашања за кои треба да се разговара“.
Поддршката на Путин за идејата за мирно завршување на овој конфликт американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени како ветувачка, но целосна. Исто како и Путин и Трамп најави дека е подготвен да разговара со Путин за деталите од договорот. Претходно Москва оцени дека предложениот 30-дневен прекин на огнот Украина сака да го искористи за да се одмори и да се прегрупира.
Од друга страна украинскиот претседател Зеленски го нарече ставот на Москва манипулација, а за Путин изјави дека се плаши од Трамп.
Но изјавата на Путин сè повеќе оди во насока на шпекулациите кои изминативе недели излегоа во западните медиуми, а се однесуваат на тоа дека Москва и самиот Путин се обидуваат да ја продолжат војната.
Војната во Украина не може да заврши пред 2026 година, а Русија веќе работи на ослабување на преговарачката позиција на Америка со поттикнување на тензии меѓу администрацијата на Доналд Трамп и другите земји, се вели во таен документ од Кремљ кој го пренесува Вашингтон пост.
Документот, напишан во февруари од влијателен московски тинк-тенк близок до руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), ги прикажува максималистичките барања на Русија за каков било крај на војната во Украина. Во документот се наведува дека прелиминарните планови на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор во рок од 100 дена се отфрлаат како „невозможни да се постигнат“.
„Мирно решавање на војната во Украина не може да дојде пред 2026 година“, се наведува во документот.
Со документот исто така се отфрла секој предлог за испраќање мировни сили во Украина, се инсистира на признавање на рускиот суверенитет над окупираните украински територии, се повикува на понатамошна поделба на украинската територија со создавање тампон зона на североисточната територија на границата со руските региони како што се Брјанск и Белгород. Исто така содржи и повици за создавање на демилитаризирана зона во јужните украински региони во близина на Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година, вклучувајќи го и регионот Одеса.
Во документот се зборува за потребата од „целосно демонтирање“ на актуелната украинска влада.
Документот, добиен од европска разузнавачка агенција и виден од „Вашингтон пост“, ги истакнува предизвиците со кои Трамп сè уште се соочува при постигнување каков било договор со Русија за мировен договор за Украина.
– Русија не е заинтересирана за рано решавање на ситуацијата. Тие постојано зборуваат за основните причини, кои, како што знаете, се однесуваат на внатрешната политика во Украина, и уште поважно, на европската безбедносна архитектура и улогата на НАТО. И едноставен прекин на огнот кој не го зема предвид ова не е во интерес на Русија. Изгледа дека Трамп не го разбира тоа – рече Томас Греам, поранешен висок директор во Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Русија се обидува да го намами Трамп на разговори покажувајќи ја својата „отвореност и флексибилност“, додека Путин ќе се обиде да ги одолговлекува преговорите позиционирајќи се себеси како „вистински пријател на Доналд Трамп, кој целосно го разбира, кој сака да му помогне да ги постигне своите цели во САД“, се наведува во дел од светските анализи.
Целата анализа во видеото погоре во текстот.