ВИДЕО | Андоновиќ: Промена на геостратешката позиција на Блискиот Исток

Обработка на податоци / Фото Слободен печат

Договорот за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Иран, постигнат со посредство на Кина, претставува значајна промена на стратешката ситуација на Блискиот Исток.

Ова го тврдат бројни светски аналитичари, политичари и геостратези откако дојде до помирување на двата лути ривали, како во верскиот и воениот, така и во економскиот сегмент.

Имено Саудиска Арабија како најголем и лидер на сунитскиот и вехабистичкиот ислам, во сите сегменти беше спротивставена кон Иран – Шиитска држава која покрај верскиот и воениот ривалитет, секогаш се наоѓаше на другата страна во споровите со Саудиска Арабија. Саудијците важеа за големи сојузници на САД и Британија, додека Иран секогаш беше на страната на Русија, особено откако во 1979 година на власт дојде шиитскиот духовен водач Ајатолахот Хомени и од Иран направи исламска република.

Иран е ставен и на американската листа на земји наречена од поранешниот претседател Буш, оска на злото“, односно земји кои развиваат нелегално нуклеарно оружје. Во оваа листа покрај Иран беше Ирак, каде беше урнат Садам Хусеин со воена интервенција, и Северна Кореја.

Иран се соочува долгогодишни санкции од Западот, додека пак Саудиска Арабија уживаше економски благодат во сојузништвото со Вашингтон и Лондон. Наспроти Иран кој е во војна со еврејската држава Израел и со која нема никакви дипломатски односи, Саудиска Арабија и покрај религиозниот фанатизам е во добри и пријателски односи со Израел.

Но со ова најново помирување на Техеран и Ријад се чини дека се менуваат повеќе годишните релации на Блискиот исток.

Саудиска Арабија очигледно пресметала дека какви и да се последиците од евентуалната американската реакција за зближување со Иран, гледа ново сојузништво со медијаторот на ова помирување, Кина.

Кина пак идентично како и Иран е во лоши односи со САД и Западот. Заедно со Иран се обвинети дека соработуваат и му помагаат на Владимир Путин и Русија во војната во Украина. Ако од почетокот на војната во Украина, Кина беше воздржана, сега се понагласено го демонстрира своето сојузништво со Москва. Како потврда на ова е најавената посета на кинескиот претседател Си Џипинг на Русија и средбата со Путин.

На оваа средба, Вашингтон не гледа со благонаклоност, и се очекува реакција на САД кон Кина. Од друга страна се смета дека геостратешкото поместување на односите Блискиот Исток, е одговор на американската иницијатива за формирањето на воениот сојуз АУКУС, САД Велика Британија и Австралија, помогнати од Јужна Кореја и Јапонија, да формираат подморничка борбена група на Пацификот за да се спортивстава на кинеската доминација во Југоисточна Азија.

Од друга страна, Кина и Иран, сега и Саудиска Арабија, но и Русија и Сирија очигледно гледаат обид за доминација на Блискиот Исток. По посетата на сирискиот претседател Асад на Москва, беше побарано и договорено отворање на нови руски воени бази на сириска територија.

Останува да се види реакцијата на САД, како ќе се однесува Израел, и конечно каква ќе биде поставена позицијата на Турција која се наоѓа пред претседателските избори.

Дотогаш, останува да бидеме сведоци на нови пријателства, непријателства и позиционирања во идната нова светска блоковска поделеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот