ВИДЕО | Андоновиќ: Проевропската претседателка останува на власт – победи во дијаспората, загуби во Молдавија
Маја Санду, проевропската претседателка на Молдавија, прогласи победа на тензичните избори во вториот круг гласање и освои уште еден мандат на функцијата по гласањето кое се смета за одлука помеѓу застанувањето на страната на ЕУ или на Русија.
По пребројувањето на околу 98 проценти од гласовите било утврдено дека Санду добила 55 отсто поддршка, а доцна синоќа самата Санду се обрати до граѓаните најавувајќи дека ќе биде претседателка на сите Молдавци.
Нејзиниот противкандидат, поранешниот државен обвинител Стојаногло, доби околу 45 отсто од гласовите.
Стојаногло, кој имаше поддршка од проруската Социјалистичка партија, се залагаше за поблиски односи со Москва.
Советникот за национална безбедност на претседателот вчера изјавил дека е забележано „масовно мешање“ на Русија во изборниот процес во Молдавија и дека има „висок потенцијал да го изврти неговиот исход“.
Русија претходно негираше дека се мешала во гласањето во Молдавија, кое следеше една недела по уште еден клучен во Источна Европа, имено парламентарните избори во Грузија, кои претседателката на земјата, Саломе Зурабишвили, ги оцени како дел од „руската специјална операција“.
Санду го разреши Стојаногло од функцијата државен обвинител, кој пак негираше дека е проруски ориентиран и близок кон Кремљ.
Би-би-си јавува дека пред затворањето на гласачките места и Санду и Стојаногло им се заблагодариле на гласачите, а тој им се обратил прво на руски, а потоа и на романски.
Иако романскиот е главен јазик во Молдавија, рускиот е широко користен поради советското минато на земјата.
Она што е интересно е дека победникот на овие избори, проевропската претседателка Маја Санду освои повеќе гласови од дијаспората одошто во самата Молдавија.
На прашањето дали е изненадена што Стојаногло победи во самата Молдавија, таа рече дека гласањето во Молдавија и во странство треба да се гледа како едно.
„Никогаш не ги делиме Молдавците на оние што живеат во земјата и иселениците – ние ги гледаме Молдавците како едно семејство“, додаде таа.
Поранешната советска република Молдавија, опкружена со Украина и Романија, е една од најсиромашните земји во Европа. Има население од 2,5 милиони и 1,2 милиони луѓе низ светот каде што живеат и работат.
Молдавија е мала земја и се наоѓа на премногу чувствително место за да може да се спротивстави на влијанијата и од Истокот и од Западот.
Војната во соседна Украина ги доведе тие обиди до точка на отворен конфликт, кој во република со национална структура каде Молдавците, Русите и Романците се практично еднакви по број, може да предизвика катастрофален развој.
Особено поради делот Придњестровје, каде што живее руско население и кое се залага за отцепување и припојување кон Русија.
Во овој дел Русија има воени складишта со оружје и околу 1200 војници.