ВИДЕО | Андоновиќ: Планот на Трамп за Украина би бил победа за Русија, а за Палестинците крај на амбициите за држава

Иако за два и пол месеци ќе влезе во Овалната соба на Белата куќа, веќе почнаа анализите дали Доналд Трамп може да ги исполни своите предизборни ветувања и да донесе мир во Украина и на Блискиот Исток.

„Советниците на Доналд Трамп нудат замрзнување на војната долж линијата на фронтот, консолидација на окупираните територии за Русија, демилитаризирана зона и стопирање на интеграцијата на Киев во НАТО на 20 години“, пишува The Wall Street Journal, повикувајќи се на извори блиски до тимот на Трамп.

Така, советниците на Трамп безусловно препорачуваат замрзнување на конфликтот, предавање на приближно 20 отсто од територијата на Украина на Русија и „привремено суспендирање“ на обидите на Киев да се приклучи на НАТО.

Постои и варијанта во која Украина би ветила дека нема да се обиде да влезе во НАТО најмалку 20 години, а за возврат САД ќе продолжи да ја снабдува со оружје.

Исто така, по замрзнувањето на линијата на фронтот, се предлага формирање на демилитаризирана зона во должина од приближно 1.200 километри, меѓу трупите на Украина и Руската Федерација. Засега не е јасно кој ќе ја контролира, но се разгледува можноста за распоредување мировни сили без учество на американски војници и какви било структури што тие ги финансираат, вклучително и ОН.

„Можеме да обезбедиме обука и друга поддршка, но треба да има присуство на европски војници на теренот. Нема да испраќаме Американци да го чуваат мирот во Украина и немаме намера веќе да  плаќаме. Нека го направат тоа Полјаците, Германците, Британците и Французите“, изјави член од тимот на Трамп.

Украинскиот влијателен портал Страна заклучи дека доколку САД сакаат да ја прекинат војната долж постојната линија на фронтот, има 80 отсто гаранција дека тоа ќе се случи. Ниту украинските власти ниту Европа нема да можат да се спротистават  на волјата на Вашингтон бидејќи Украина е целосно зависна од помошта на Вашингтон и не е во позиција да инсистира на невозможни услови.

А за Русија, ако го забави тој процес, САД би можеле да се обидат да влијаат на неа преку Кина и другите земји од глобалниот југ кои се заинтересирани за завршување на војната што е можно побрзо.

Сепак, постои силна воена струја во Републиканската партија која се залага за продолжување на  цврстата  политика кон Русија.

Станува збор за група поврзана со американскиот воено-индустриски комплекс, како и со бизнисот со нафта и гас, кои директно профитираат од војната во Украина.

Таа група ќе се обиде да го убеди Трамп дека војната е „добра работа“ бидејќи им дозволи на Американците да го заземат европскиот пазар на нафта и гас, истиснувајќи ги Русите.

Покрај тоа, војната во Украина ја врзува Европа со САД, што ја прави ЕУ зависна од американските одбранбени гаранции. Во исто време, ги ослабува двата главни економски конкуренти на Америка: Европа (поради уништувањето на врските со Руската Федерација) и Кина (поради фактот што на Американците сега им е полесно да туркаат трговски ограничувања против Кина во ЕУ).

Но, ако Трамп инсистира на мировна иницијатива, Владимир Путин нема да ги отфрли неговите предлози доколку дојдат, туку ќе влезе во преговори за постигнување на најдобри услови за прекин на огнот за Руската Федерација.

Конечно, завршувањето на војната во услови на одржување на руската контрола врз огромните окупирани територии на Украина всушност би било голема победа за Русија, особено ако се земе предвид дека сè можеше да заврши многу полошо за неа,  сметаат аналитичарите.

Во однос на запирањето на војната на Блискиот Исток, планот на Трамп за Израел и Палестина најверојатно ќе се спроведе пред неговата инаугурација на 20 јануари 2025 година.

Според досегашните најави, Трамп планира да побара од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да прогласи победа над Хамас и Хезболах и потоа да постигне договор.

Си-ен-ен го цитираше функционерот на Палестинската национална иницијатива Мустафа Баргути дека исто така мисли дека Трамп „нема да толерира војни како што се случуваат“ и дека „Нетанјаху ќе се соочи со многу построг претседател од оној на кој беше навикнат“.

Баргути, сепак, додаде дека тоа нема да промени многу за Палестинците „бидејќи и двете администрации беа целосно пристрасни кон Израел“ и дека постојат стравувања дека Трамп ќе му дозволи на Израел да анектира делови од Западниот Брег, што би значело „крај на решението за две држави“.

Сепак, најмалку две од одлуките на Трамп беа катастрофални. За време на неговиот прв мандат, Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, иако источниот дел е наменет да биде главен град на палестинската држава, а спротивно на меѓународното право, тој го призна и израелскиот суверенитет над Голанската висорамнина, кој не е признат од Европската Унија.

На глобално ниво, уште потежок проблем предизвика неговата одлука во 2018 година, кога ја повлече Америка од нуклеарниот договор со Иран, кој беше склучен на крајот на 2015 година по повеќе од дванаесет години меѓународни преговори. Тој беше уверен дека може да преговара за „подобар договор“ од неговиот претходник Барак Обама. Но, неговата политика на „максимален притисок“ врз Иран беше неуспешна: една година по повлекувањето на САД од договорот, Иран исто така почна постепено да се повлекува од своите обврски од договорот. Денес, земјата е поблиску од кога било до изградба на нуклеарна бомба и во тесна прегратка со Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот