ВИДЕО | Андоновиќ: Пет клучни прашања по нападот на Иран – Се очекува следниот потег на Израел

Анализа со Андоновиќ / Фото: Слободен печат / EPA-EFE, ATEF SAFADI

Иран синоќа лансираше стотици проектили кон Израел, втор оваа година, откако претходно во април годинава истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел.

Израелските воени претставници изјавија дека нападите се чини дека се завршени и дека веќе нема закана од Иран „засега“, но сè уште не е јасно колкава штета е предизвикана.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди на „последици“ по нападот.

Иран синоќа лансираше околу 180 проектили кон Израел, соопшти израелската армија. Ова е поголем напад од оној во април, кога кон Израел беа истрелани околу 110 балистички ракети и 30 крстаречки ракети.

На снимката, објавена од израелските медиуми, се гледа како некои ракети летаат над Тел Авив малку пред 19:45 часот по локално време.

Повеќето од ракетите беа соборени од израелските системи за воздушна одбрана. Дописникот на Би-би-си од Ерусалим јави дека можеби се погодени некои воени бази, ресторани и училишта, но сè уште нема официјална потврда.

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) тврди дека 90 отсто од проектилите ги погодиле нивните цели, додавајќи дека за прв пат биле користени и хиперсонични ракети. Тие посочија дека цел биле три израелски воени бази.

Палестинската управа за цивилна одбрана во Ерихон на Западниот Брег соопшти дека во нападот  загинало едно лице од паѓање на ракетни остатоци.

Израелските власти не пријавија евентуални жртви во нападот, но израелските медицински власти соопштија дека две лица се полесно повредени од шрапнели.

Како причина за синоќешниот напад се наведува одмазда за убиството на еден од нивните елитни команданти,  Абас Нилфорошан, кој заедно со лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, беа убиени минатата недела во Бејрут од страна на израелските проектили.

Исто така се споменува  и убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије. Иако Израел не призна дека стои зад смртта на Ханије во јули годинава, се верува дека тој е одговорен за нападот.

Висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, лично дал наредба за синоќешниот ракетен напад.

Иран не го признава постоењето на Израел и бара нивно искоренување. Иран со години ги поддржува паравоените групи кои се противат и се борат против Израел. Од друга страна, Израел смета дека Иран е егзистенцијална закана и дека со години спроведува тајни операции против Тел Авив.

Не е тајна дека Израел со години развива и поседува многу напреден систем за противвоздушна одбрана, од кои најпознат е Железната купола. Тој е дизајниран да пресретнува ракети со краток дострел, кои често се стрелаат од Хамас и од Хезболах.

Ѕвездата на Давид, заеднички проект меѓу САД и Израел, се користи за пресретнување на ракети со среден и долг дострел, како и за балистички и крстаречки ракети. А кога станува збор за балистички ракети со долг дострел, кои летаат надвор од атмосферата на Земјата, Израел има пресретнувачи Стрела 2 и Стрела 3.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера ја потврди поддршката на САД за Израел по нападот. Тој го нарече нападот на Иран разурнувачки и неефикасен. Бајден им наредил на своите сили во регионот да „помогнат во одбраната на Израел“.

Портпаролот на Пентагон објави дека разурнувачите на американската морнарица истрелале десетина пресретнувачи на ирански ракети кои биле насочени кон Израел.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин исто така потврди „повеќекратно пресретнување на проектили од страна на САД“.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили рече дека британските сили „имале улога во обидот да спречат понатамошна ескалација на судирите во вторникот вечерта“, но не даде дополнителни детали.

Сега светот е во очекување кој ќе биде одговорот на Израел по синоќешниот ирански напад. Нетанјаху по вчерашниот напад изјави дека Иран направил „голема грешка и дека ќе плати за тоа“.

„Имаме планови и ќе дејствуваме кога и каде ќе одлучиме“, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили, Даниел Хагари.

Иранската ИРГЦ рече дека доколку Израел одговори, „нивниот одговор би бил уште попогубен“.

Во меѓувреме, израелската војска изведе нови воздушни напади во Бејрут во текот на ноќта врз цели на Хезболах, откако ги предупреди жителите да се иселат од јужните предградија каде што групата има присуство.

Со оглед на ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, која уследи по атентатот на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, и зголемениот израелски опсег на воздушни напади што стигнаа до либанскиот главен град Бејрут и цели во Сирија и Јемен, регионот е на работ на целосна војна.

Додека едни се обидуваат да предвидат каква иднина го чека регионот, читајќи меѓу редови за забрзаниот развој на настаните во него, други ја обвинуваат оската на отпорот што не ѝ нанела болни удари на израелската креација по пренесувањето на војната на северниот фронт.

Останува прашањето дали Иран ќе успее да ја избегне стапицата и да влезе во тотална војна?

Или пак сето ова ќе остане на овие напади, кои идентично како и оние во април годинава, освен размената на по еден ракетен напад и задоволување на достоинството, ги запреа судирите меѓу Израел и Иран.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот