ВИДЕО | Андоновиќ: Пандемијата на ковид стивна, само Северна Кореја пријавува епидемија од големи размери

30 март 2020 г., Вухан, Хуабеи, Кина / ФОТО: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Пандемијата на ковид, која цели две години го опседнуваше светот, стивна. Вирусот забрзано е тргнат од главниот фокус на светската јавност, пред се откако започна специјалната руска воена операција врз Украина на 24 февруари. Барем таков впечаток се добива откако по двегодишните дневни извештаи за починати и новозаболени од ковид, одеднаш, фокусот се насочи кон војната во Украина.

Исчезнаа дури и вестите за мутациите на вирусот за кои светските медицински експерти предупредуваа дека наскоро би можеле да завладеат со светот.

Иронијата да биде поголема, токму на крајот на пандемијата, вест која успеа да се пробие во светската јавност, а тоа да не е Русија, Украина и Путин, беше изјавата на основачот на Мајркософт, Бил Гејтс дека е позитивен на ковид. Иорнија, бидејќи токму Гејтс беше обвинет од теоретичарите на заговор дека стои зад појавата на коронавирусот, за кој велеа дека е лабораториски прoизведен.

Но, не е само Гејтс. Она што стана особено интересно е појавата на пандемијата во Северна Кореја. Оваа држава и нејзиниот комунистички режим кој управува со држава која се смета за најназадна во светот, и на начин кој не соодејствува ниту со 20-тиот, а камоли со 21 век, пријавува пандемија на ковид.

Малку чудно и за неверување, ако се земе предвид дека исчезнувањето на пандемијата на ковид веќе во светот се зема здраво за готово.

Од друга страна, Северна Кореја која досега остави простор за неверување на се што
ќе соопшти, алармира за растечки број на новозаразени и бара помош од меѓународната заедница. Токму истата Северна Кореја во екот на пандемијата на ковид во светот излезе со тврдење дека е единствена држава во светот во која нема ковид.

Сега, кога ковидот во светската јавност станува ,,демоде“ вест, лидерот Ким Џонг Ун испраќа драматични тонови.

Северна Кореја регистрирала уште 232.880 луѓе со симптоми на треска и уште шест смртни случаи откако земјата ја потврди епидемијата на коронавирус минатата недела.

Говорејќи на состанокот на политичкото биро на владејачката Лабуристичка партија, Ким рече дека „незрелоста на капацитетот на државата да се справи со кризата ја зголеми комплексноста и тешкотиите во борбата против пандемијата“.

Од првото избувнување на епидемијата на ковид-19, Северна Кореја регистрирала 1,72 милиони пациенти со симптоми на треска, вклучувајќи 62 смртни случаи досега.

Сепак, државата соопшти и дека ситуацијата со вирусот во земјата добива „поволен пресврт“, додавајќи дека на партискиот состанок се разговарало за „одржување добри шанси на севкупниот фронт на спречување на епидемијата“.

Земјата сè уште не започнала со масовна вакцинација и има ограничена можност за тестирање за вирусот, поради што многу експерти се загрижени дека можеби е тешко да се процени колку широко и брзо се шири болеста.Според агенцијата KCNA, Северна Кореја се залагала за подобро ракување со „собирање, транспорт и тестирање на примероци од оние со треска, со инсталирање дополнителни капацитети за карантин“.

Појава на растечки број на новозаболени од корона изминативе два месеци имаше и во „лулката на ковидот“ Кина, каде 4 милионски градови меѓу кои и 25 милионскиот Шангај беа ставени во целосен карантин.

Последните информации од таму велат дека во поголемиот дел од Шангај е запрено ширењето на коронавирусот, а нешто помалку од еден милион луѓе сè уште се во карантин.

Градот постепено се отвора, соопштија денеска локалните власти, но економските податоци го покажуваат негативното влијание на кинеската стратегија „нулта ковид”.

Во градот со 25 милиони жители, многу жители без затворени во своите домови, имоти и населби повеќе од 50 дена, а датумот на целосно отворање е 1 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот