ВИДЕО | Андоновиќ: Од декларирана демократија до целосен хаос – Зошто претседателот на Јужна Кореја ненадејно прогласи вонредна состојба?

Јужнокорејскиот претседател ја шокираше земјата во вторникот вечерта кога од нигде никаде прогласи вонредна состојба,  за прв пат по речиси 50 години.

Радикалната одлука на Џун Сук-јол, објавена на ТВ пренос доцна во ноќта, како причина ги спомнува „антидржавните сили“ и заканата од Северна Кореја, но набрзо стана јасно дека тоа не е поттикнато од надворешни закани, туку од неговите сопствени очајни политички проблеми.

Сепак, тоа поттикна илјадници луѓе да се соберат во парламентот во знак на протест, бидејќи пратениците од опозицијата побрзаа таму за да извршат итно гласање за укинување на мерката.

Поразен, Јол се појави неколку часа подоцна за да го прифати гласањето на парламентот и да ја укине вонредната состојба. Сега тој се соочува со можност за импичмент, па дури и исклучување од сопствената партија.

Сега се соочува и со отповикување на неговата претседателска функција откако шест опозициски партии во Јужна Кореја денеска поднесоа предлог-закон за импичмент.

Според уставот на Јужна Кореја, импичментот треба да биде предложен од мнозинството во парламентот и одобрен од две третини од сите пратеници.

Предлогот потоа ќе оди до Уставниот суд, еден од највисоките судови во Јужна Кореја, заедно со Врховниот суд. Според Уставот, најмалку шест судии мора да се согласат да се продолжи со импичментот.

Според Уставот на Јужна Кореја, претседателот ќе биде суспендиран од вршењето на својата должност за време на процесот додека не заврши постапката за импичмент.

Инаку јужнокорејскиот претседател подолго време се однесувал како претседател под опсада, велат набљудувачите. Во говорот во вторникот вечерта, тој ги раскажа обидите на политичката опозиција да ја поткопа неговата влада, пред да рече дека прогласува воена состојба за „како што рече, да ги уништи антидржавните сили што прават хаос“.

Тој се обиде преку воведување на воената состојба вусшност да ја спаси својата политичка судбина.

Јон беше избран на функцијата во мај 2022 година како тврдокорен конзервативец, но остана без целосна политичка моќ како претседател од април кога опозицијата победи на општите избори во земјата.

Неговата влада оттогаш не можеше да ги донесе законите што ги сакаше и беше сведена на вето на законите донесени од либералната опозиција.

Исто така, тој се соочи и со пад на неговиот рејтинг, кој се движи околу ниските 17 проценти, бидејќи беше заглавен во неколку корупциски скандали, вклучително и скандалот на неговата сопруга за наводна манипулација со акции на берзата.

Минатиот месец тој беше принуден да се извини на националната телевизија, велејќи дека формира канцеларија која ќе ги надгледува должностите на првата дама, но отфрли поширока истрага, која ја побараа опозициските партии.

Потоа оваа недела опозицијата предложи кратења на владиниот предлог-закон за големиот буџет – на кој не може да се стави вето.

Во исто време, опозицијата, исто така, започна постапка за импичмент против членовите на владата и неколку највисоки обвинители, вклучително и шефот на владината агенција за ревизија, поради тоа што не ја истражиле активноста на берзата на неговата сопруга.

Оттаму најверојатно беше и неговиот обид да воведе вонредна состојба на земјата, кога се смета дека цивилните власти не можат да функционираат.

Вонредна состојба во Јужна Кореја последен пат беше прогласена во 1979 година, кога за време на државен удар беше убиен долгогодишниот воен диктатор на таа земја, Парк Чунг-хи.

Оттогаш ваква мерка не е воведена во земјата, откако таа стана парламентарна демократија во 1987 година.

Според јужнокорејскиот закон, владата мора да ја укине воената состојба доколку мнозинството во парламентот го побара тоа на гласање. Истиот закон ѝ забранува на воената команда да апси пратеници. Нејасно е што се случува сега и какви ќе бидат последиците за Јон.

Засега е најавено отповикување на Јон како претседател, односно за ова мора да гласаат две третини од пратениците во 300-членото Национално собрание за импичмент – најмалку 201 глас.

Откако ќе се одобри импичментот, се одржува судење пред Уставниот суд – деветчлениот совет кој ги надгледува ресорите на владата во Јужна Кореја. Доколку шест членови на судот гласаат за поддршка на импичментот, претседателот е сменет од функцијата.

Ако тоа се случи, тоа не би било првпат јужнокорејски претседател да биде отповикан. Пред осум години, односно во 2016 година, тогашната претседателка беше разрешена откако беше обвинета дека помагала на пријател при изнуда. Во 2004 година, вториот претседател беше сменет и суспендиран на два месеци. Уставниот суд подоцна го врати на функцијата.

Каква и да биде судбината на актуелниот претседател Јон, многумина се согласуваат дека неговата вчерашна непромислената постапка може да биде поштетна за репутацијата на Јужна Кореја како демократија дури и од штетата направена од немирите на 6 јануари во САД.

Јужна Кореја која се смета себеси за прогресивна, модерна демократија која измина долг пат од деновите на нејзината диктатура, сега се наоѓа пред најголем предизвик за враќање на демократското општество во последните неколку децении.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот