ВИДЕO | Андоновиќ: Обвинувањето кон Путин покажува дека нема да има мир додека некој не победи

Обработка на фотографија / Фото Слободен печат

Одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на рускиот претседател Путин дефинитивно ги затвора можностите за некакви мировни преговори околу запирање на војната во Украина. Многумина сметаат дека оваа одлука е повеќе политичка одошто правна. Со овој налог и со обвинението кон Путин, Западот всушност упатува порака дека тој е криминалец и дека со него нема да се преговара. Секој оној кој ќе се обиде да преговара или пак да се сретне со Путин, ризикува да биде обвинет дека преговара со лице кое е обвинето дека е воен злосторник.

Одлуката е темпирана во време кога во Москва престојува кинескиот претседател Си Џипинг, за прв пат од започнувањето на руската воена инвазија врз Украина. Оваа одлука практично ја минимизира евентуалната средба и мировно посредништво на Си во Москва и практично ја прикажува како доказ на тврдењето на западот дека Кина е сојузник на Русија. Исто така, со овој налог за апсење практично се девалвира и торпедира неодамнешната кинеска мировна иницијатива за запирање на војната во Украина.

Намерата е јасна, Путин е оквалификуван како криминалец кој треба да се уапси и треба да му се суди, а мирот може да дојде единствено со целосен пораз на едната страна.

Освен војна до крај, и рушењето на кинеската мировна иницијатива, со оваа одлука практично се стенсува просторот на Путин да патува и да се среќава со лидерите на земјите кои не се директно конфронтирани со Москва.

Во наредните денови беше планирано Путин да отпатува во Јужноафриканската република, но ако се земе во предвид дека оваа држава е потписник на договорот за соработка, па оттаму се поочигледно е дека оваа посета на Путин нема да се реализира. То тоа практично се стеснува маневарскиот простор Путин да патува и да лобира за нови членови во блокот земји наречен БРИКС.

Инаку меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства. Судот во Хаг го обвинува Путин за воени злосторства извршени во Украина.

Покрај потерницата за Путин, издадена е и потерница за апсење на неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лвова-Белова, поради „незаконско депортирање“ на украински деца.

Оваа потерница сепак не го загрижува Путин, имајќи предвид дека МКС нема овластување да апси осомничени и може да врши јурисдикција само во земјите што го потпишале договорот со кој е основан судот, познат како Римски статут – а Русија не е потписник на тоj договор.

Сепак, МКС се потпира на државите ширум светот за да помогнат во апсењето и префрлањето на осомничените во Хаг.

Оваа потерница го направи Путин меѓународен баран човек и ќе го отежне неговото патување бидејќи тој мора да избегнува која било земја што го потпишала договорот за МКС, бидејќи секоја земја потписничка е должна да го уапси секој што ќе биде обвинет од судот.

Според веб-страницата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, 123 држави се потписнички на Римскиот статут на МКС.

Меѓу нив се 33 африкански, 19 азиско-пацифички, 18 источноевропски и 28 земји од Латинска Америка и Карибите, како и 25 западноевропски и други земји.

Инаку, судот во Хаг не соопшти како има намера да ја спроведе оваа наредба, бидејќи Москва претходно објави дека не ја признава јурисдикцијата на МКС, не е полноправна членка на МКС и нема навика на соработка кога станува збор за меѓународни екстрадиции.

Судот само соопшти дека наредбата е заснована на пријавата поднесена од обвинителот во февруари годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот