ВИДЕО | Андоновиќ: НАТО преседанот од пред 24 години врз СРЈ сѐ уште со последици во светот

Денеска се навршуваат 24 години од почетокот на НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија (СРЈ), во кое, според проценките од различни извори, за 11 недели загинаа околу 2.500 цивили и околу 1.000 војници и полицајци.
Во бомбардирањето, кое траеше 78 дена, сериозно беа оштетени инфраструктурата, стопанските објекти, здравствените установи, медиумите, спомениците на културата и воените објекти.
Нападите врз Југославија започнаа на 24 март 1999 година, по наредба на тогашниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, а Владата на СРЈ истата вечер прогласи воена состојба. Акцијата на НАТО следеше по неуспешните преговори за решение на кризата во Косово во Рамбује и Париз во февруари и март 1999 година.
Бомбардирањето на Југославија заврши на 10 јуни, со усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Еден ден претходно, претставниците на Југословенската армија (ВЈ) и НАТО го потпишаа Воено-техничкиот договор во Куманово, со кој беше прецизирано повлекувањето на силите на војската на Југославија од Косово и влегувањето на меѓународните воени трупи во покраината, што веќе се случи на 12 јуни.
Дваесет и четири години подоцна, сè уште трае спорот околу Косово. Приштина и Белград и натаму преговараат за нормализирање на односите но со цврсто подвлечени црвени линии. За Белград, Косово сè уште е нејзина јужна покраина,за Приштина и дел од меѓународната заедница, Косово е независна и држава, признаена од поглем дел од меѓународната заедница
Токму овој напад беше искористен и како еден од аргументите на Москва, чиј претседател Владимир Путин образложувајќи го покренувањето на руската воена инвазија врз Украина, се повика на примерот на НАТО воената кампања врз тогашна СРЈ.