ВИДЕО | Андоновиќ: На маса се постигнува договор за прекин на огнот, на терен се разгоруваат војните

Постигнатиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со посредство на администрацијата на Трамп пропаѓа, во време кога тој е фокусиран на гаснењето на украинскиот воен конфликт.

Изрелските тенкови од утринава навлегоа во копненеата безбедносна зона, коридорот Нецарим, кој го дели Појасот Газа на два дела. Од оваа зона израелските сили се повлекоа во февруари, како дел од првата фаза од договорот за прекин на огнот.

Израелската војска соопшти дека трупите на теренот „започнале копнена операција во централниот дел на Појасот Газа и на југ со цел проширување на безбедносната област и создавање делумна тампон зона меѓу северот и југот на енклавата“.

На овој копнен продор му претходеа жестоките ракетирања врз Појасот Газа изминативе два дена каде според последните извештаи досега загинале 436 Палестинци.

Хамас го опиша упадот во коридорот Нецарим како „ново и опасно кршење“ на прекинот на огнот.

Американскиот Стејт департмент пак соопшти  дека „предлогот за продолжување на примирјето во Газа сè уште е на маса, но не за долго“.

„Во моментов на маса имаме предлог кој ќе ги премости разликите меѓу двете страни, ќе го продолжи прекинот на огнот и ќе овозможи ослободување на пет живи заложници, вклучувајќи го и Американецот Адан Александар“, изјави портпаролот на Стејт департментот, обвинувајќи ги палестинските милитанти за моменталната ситуација. Имено, САД бараат од Хамас да го ослободи американскиот заложник, и доколку тој не биде ослободен, се ризикува пропаѓање на постигнатиот прекин на огнот меќу Израел и Хамас.

Претходно, функционерот на Хамас, Тахер ел-Ноно изјави дека групата не ја затворила вратата за преговори, и покрај континуираното израелско бомбардирање.

Жестоки борби на теренот има и меѓу руската и украинската армија. Овие борби особено се разгореа по оптимистичките изјави на американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин, кои по завчерашните разговори договориле придвижување во насока на запирањето на тригодишната руско-украинска војна.

И додека во јавноста беа испратени пораки за согласност за прекин на огнот, на теренот се разгорија судирите.

Руската армија утринава го изведе  својот „најголем напад во последните години“ врз Кропивницки во Кировоградската област при што беа ранети осум лица, меѓу кои и едно дете, изјави регионалниот гувернер Андриј Рајкович, пренесува Киев индипендент.

Повеќе од 20 руски дронови беа лансирани во градот во текот на ноќта, напаѓајќи куќи и станбени згради, соопшти истиот извор.

Украинската железничка управа соопшти дека железничката инфраструктура била оштетена како резултат на нападот. На местото на настанот во моментов работат итните служби.

Kропивнички, со население од околу 220.000, е административен центар на Кировоградската област во Централна Украина.

Украинската армија пак возврати изведувајќи го најголемиот  напад со беспилотни летала од почетокот на војната стрелајќи врз рускиот регион Саратов.

Руските власти објавија дека градовите Саратов и Енгелс, во област во која се наоѓа голема воена база на стратешки бомбардери, се на удар на најголемиот напад со беспилотни летала од почетокот на целосната инвазија што Москва ја започна во Украина пред три години.

„Киев пост“ објави дека Енгелс е дом на стратешките бомбардери со долг дострел Ту-160 и Ту-95МС, кои се користат за напади во Украина.

Воениот аеродром на кој се стационирани овие бомбардери и кој беше цел на украинските напади се наоѓа на  614 километри  оддалеченост од  украинската граница.

Останува да се види како постигнатите договори за прекин на огнот на маса, ќе се спроведат на теренот. Во моментов и во Газа и во Украина беснеат судирите кои изминативе денови се интензивираат.

Целата анализа во видеото погоре во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот