ВИДЕО | Андоновиќ: Косовски бој во српското собрание, тензии меѓу „напредњаците“ и десницата

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

Втор ден пратениците во српското Собрание ја продолжуваат расправата за прашањето за преговорите со Косово, а на седницата повторно присуствува и претседателот на државата Александар Вучиќ.

Пратениците од владејачкото мнозинство во Народното собрание со голем аплауз го пречекаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, а во име на Владата сѐ уште присуствуваше само Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија.

На почетокот на седницата вчера беше презентиран Извештајот за преговарачкиот процес со Косово, а дискусијата беше проследена со инциденти и остра реторика.

Извештајот формално до претставниците беше доставен од Владата на Србија, Канцеларијата за Косово и Канцеларијата за координативни прашања во преговарачкиот процес со Косово.

Атмосферата на седницата во еден дел прерасна во инцидент со претставниците на мнозинството на Српската напредна странка (СНС), откако пратениците од опозицијата станаа и извикувајќи „Предавство, предавство!“ и „Косово нема да го дадеме!“ го прекинаа говорот на Вучиќ, а пристигна и собраниското обезбедување.

По остра дискусија меѓу Вучиќ и дел од опозицијата, група пратеници барајќи оставка на претседателот ја блокираа работата на парламентот.

Тие побараа да и се дозволи на опозицијата да зборува, повикувајќи се на прекршување на Деловникот. Бидејќи не биле задоволни тргнале кон местото каде што седел Вучиќ.

Тензиите меѓу делот од опозицијата и претставниците на владејачкото мнозинство стивнаа и седницата продолжи. Вучиќ презентираше план за политиката на Србија во наредниот период, но зборуваше и за француско-германскиот план за решавање на косовското прашање.

Тој во своето обраќање во Собранието рече дека за Србија најопасна точка од европскиот предлог е дека „Србија нема да се противи на членството на Косово во меѓународните институции“.

За време на расправата во парламентот, Вучиќ рече дека Србија можеби ќе треба да воведе санкции кон Русија. Во исто време, пред Народното собрание во Белград се собраа околу стотина граѓани кои се против потпишување на каков било договор што ќе доведе до признавање на независноста на Косово.

Собраниската расправа е предвидено да трае вкупно три дена, по што пратениците ќе се произнесат за овој предлог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот