ВИДЕО | Андоновиќ: Колку е реално враќање на 1000 српски војници на Косово кое е предвидено со резолуцијата 1244?

Фото: Министерство за одбрана на Србија

Поради актуелната ситуацијата на Косово, претседателот на Србија, Александар Вучиќ се сретна со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, Милан Мојсиловиќ. На средбата била разгледувана актуелната безбедносна состојба, но нема детали за евентуалните чекори кои би можеле или ги презема вооружените сили на Србија.

Од оваа средба се очекуваат детали пред се по синоќешната најава на Директорот на канцеларијата на Косово и Метохија при владата на Србија Петар Петковиќ кој изјави дека во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Белград ќе го разгледа враќањето на 1.000 припадници на српските безбедносни сили на територијата на Косово, како што е предвидено со член 4 од оваа резолуција и член 6 анекс 2. Петковиќ оваа изјава ја даде синоќа по информациите за упадот на косовската полиција во населените места каде живее мнозинско српско население.

Петковиќ: Размислуваме да побараме враќање на 1.000 припадници на српските безбедносни сили на територијата на Косово

Возобновувањето на идејата односно барањето и можноста да се вратат 999 војници на војската на Србија на Косово ги зголеми тензиите и постави низа прашања и дилеми околу оваа опција.

Со потпишувањето на кумановскиот воено – технички договор во 1999 та година се стави крај на 78- дневната НАТО воена интевренција врз тогашна СРЈ.

Со резолуцијата на Обединетите Нации 1244 донесена од Советот за безедност беше предвидено целосно повлекување на воено полициските сили на тогашна СРЈ од Косово и можност подоцна кога ќе се средат состојбите да се врати одреден број на војници на војската на СРЈ во деловите каде живее мнозинско српско население.

23 години подоцна, СРЈ веќе не постои. Косово е веќе признаена како независна држава и покрај своја полиција, е во фаза на формирање и на своја армија.

Овие факти само дополнително ја усложнуваат состојбата и ги намалуваат шансите да профункционира она што пред 23 години се сметало како разумно решение – распоредување на српски војници во деловите со мнозинско српско население како гарант на мирот. Од друга страна мисијата на КФОР ја има токму таа задача – да ја гарантира безбедноста на неалбанското население кое живее во Косово.

За потсетување, припадниците на косовската полиција од редовните единици, од албанска националност, од четвртокот вечерта почнаа да влегуваат во северниот дел на Митровица, со цел да го зголемат присуството во деловите на градот каде што живее етнички мешаното население, меѓу кои се пред се Албанци. Како што изјавија од косовската полиција за порталот KoSSev, целта на пристигнувањето на овие единици е исклучиво „да ги заштитат етнички мешаните делови на градот, а по неколкуте поплаки на Албанците од северот дека не се чувствуваат безбедно“.

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, тогаш изјави дека од 300 до 350 припадници на косовската полиција, меѓу кои и припадници на специјалната единица, влегле на северот на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот