ВИДЕО | Андоновиќ: Израел одобри планови за офанзива во Либан, Нетанјаху го обвини Бајден за блокада на помошта во оружје

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Конфликтот меѓу Израел и Хамас влегува во 257 ден. Операциите во Газа продолжуваат, додека тензиите се зголемуваат долж либанско-израелската граница, како и на Западниот Брег.

Додека борбите продолжуваат, израелскиот премиер и американскиот државен секретар се расправаат за испорака на американско оружје во Израел – Бенјамин Нетанјаху ја сака целосната пратка, Ентони Блинкен има резерви за испраќање на тешки бомби и проектили со голема разорна моќ.

На домашен фронт расте отпорот кон владата на Нетанјаху, илјадници Израелци со денови протестираат во Ерусалим и Тел Авив.

Израелската армија ги продолжува операциите во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, а во последните 48 часа беа извршени напади врз бегалските кампови Нусејрат и Рафах.

Како што продолжуваат судирите во палестинската енклава, тензиите се зголемуваат долж израелско-либанската граница. Вашингтон се обидува да избегне „голема војна“ меѓу двете држави по ескалацијата на прекуграничниот оган меѓу Хезболах и израелската армија (ИДФ), со што се согласува и либанскиот премиер.

Меѓутоа, израелската армија синоќа изврши серија напади во јужен Либан, насочени кон неколку оперативци на Хезболах за кои тврдат дека претходно учествувале во лансирање беспилотни летала на израелски територии.

Ништо подобра не е ситуацијата на Западниот Брег, а Обединетите нации предупредуваат дека ситуацијата драматично се влошува, бидејќи израелските доселеници ги напаѓаат Палестинците источно од Рамалах.

Претседателот Џозеф Бајден ја одложи испораката на одредени тешки бомби од мај поради загриженоста за израелските убиства на цивили во Газа. Сепак, администрацијата се трудеше да избегне каква било сугестија дека израелските сили „ја преминале црвената линија“ во продлабочената инвазија на Рафах што би предизвикало построго ембарго за оружје.

Во кратко видео, Нетанјаху директно зборуваше пред камерата на англиски, остро го критикуваше Бајден за „тесните грла“ во испораката на оружје.

„Незамисливо е во изминатите неколку месеци (американската) администрација да го задржува оружјето и муницијата за Израел“, рече Нетанјаху, додавајќи: „Дајте ни ги алатките и ќе ја завршиме работата многу побрзо“.

Во вонредното обраќање до нацијата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен му ветил испорака на американско оружје и муниција, иако е „незамисливо“ дека пратките сè уште не пристигнале.

Одговорот на Блинкен набрзо стигна – само еден пакет тешки бомби бил запрен, поради стравувањата дека ќе бидат употребени во густо населената област Рафах, додека пак, според Вашингтон, сите преостанати трансфери на американско оружје продолжиле да се доставуваат.

Нетанјаху се соочува и со зголемен притисок дома. Илјадници Израелци протестираа пред Кнесетот во Ерусалим, барајќи предвремени избори и соборување на владата, додека слични барања беа изнесени и на митингот во Тел Авив.

Со израелската војна против Хамас која влезе во деветтиот месец на судири, се зголемуваат меѓународните критики поради американската воена и дипломатска поддршка за израелската кампања за систематско уништување на Газа, со огромен број на цивилни жртви.

Врховниот суд на Обединетите нации пресуди дека постои „веројатен ризик од геноцид“ во Газа, што Израел силно го негира. Израел го обвинува Хамас за смртта на цивилите бидејќи борците на таа палестинска организација оперираат меѓу населението.

И Нетанјаху и Бајден ги балансираат своите внатрешно-политички проблеми со експлозивната ситуација на Блискиот Исток, при што израелскиот лидер, под притисок на војната е сè поотпорен на јавните критики на Бајден

Експертите велат дека критиките на Нетанјаху на сметка на Бајден најверојатно има за цел да ја зајакне американската поддршка за оружје и дека не постои некаков поголем судир меѓу Вашингтон и Тел Авив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот