ВИДЕО | Андоновиќ: И покрај разликата од 30 отсто меѓу кандидатите, Хрватска оди во втор претседателски изборен круг

За две недели гласачите ќе избираат меѓу Зоран Милановиќ и Драган Приморац, бидејќи  на вчерашниот прв круг од гласањето никој не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

На актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ му недостигаше многу малку да однесе  победа во првиот круг, но Хрватска сепак ја чека вториот круг од претседателските избори, за две недели, на 12 јануари.

Иако излезните анкети спроведени меѓу гласачите по излегувањето од избирачкото место му дадоа на Милановиќ 51,48 и 50,73 отсто од гласовите, со што се предвидуваше дека тој ќе го добие новиот претседателски мандат уште во првиот круг, се покажа дека тие го прецениле неговиот резултат за приближно два отсто, што на крајот сепак резултираше дека ќе има втор круг.

Според прелиминарните  резултати на Државната изборна комисија (ДИК), актуелниот претседател и кандидат на СДП и нејзиниот партнер Зоран Милановиќ освоиле 49,11 отсто од гласовите. Неговиот главен противкандидат Драган Приморац (ХДЗ и партнерите) освои 19,36 отсто од гласовите, па со него ќе се соочи во вториот круг.

Останатите шест кандидати имаа помалку од десет проценти од гласовите.

Разликата од приближно 30 отсто меѓу двајцата кандидати кои влегуваат во вториот круг е најголема во историјата на Хрватска, пишува агенцијата Хина.

Исто така, Милановиќ сега освои 792.106 гласови во првиот круг, што е далеку повеќе од бројот на гласови со кои влезе во вториот круг во 2019 година – 562.783.

За претседателската функција досега се реизбрани само Фрањо Туѓман и Стипе Месиќ, а Туѓман е единствениот кој досега успеал да победи во првиот круг. Од 1992 година, кога се одржаа првите непосредни претседателски избори, за претседател на Хрватска беа избрани Фрањо Туѓман (1992 и 1997), Стипе Месиќ (2000 и 2005), Иво Јосиповиќ (2009), Колинда Грабар Китаровиќ (2014) и Зоран Миланов (2019 година).

Туѓман всушност беше трипати избран за претседател: првиот пат како претседател на Претседателството на тогашната СР Хрватска во Парламентот по победата на ХДЗ на првите повеќепартиски избори во 1990 година, а потоа уште два пати на непосредни избори, во 1992 година и 1997 година. Двата пати победи во првиот круг.

Вториот хрватски претседател Месиќ го доби првиот мандат во 2000 година кога во вториот круг го победи Дражен Будиша, а во 2005 година победи на реизбор кога во вториот круг ја победи Јадранка Косор.

Хрватскиот претседател се избира по мнозински изборен систем, тој мора да го добие мнозинството гласови од сите гласачи кои гласале. Доколку тоа не се случи, двајцата кандидати со најмногу гласови одат во втор круг што ќе се одржи за 14 дена, во овој случај на 12 јануари 2025 година.

Неговиот мандат трае пет години и на оваа функција може да биде избран најмногу два пати.

Целата анализа во видеото погоре во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот