ВИДЕО | Андоновиќ: Ескалација на конфликтот на Блискиот Исток паралелно со тензиите во Израел и во односите со САД

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хезболах го зголемува ризикот од поширока војна. Тензијата на Блискиот Исток ескалира со отворање на нов фронт на израелско-либанската граница.

Израелската армија (ИДФ) вчера објави дека одобрила офанзивни борбени планови за Либан, бидејќи неодамна се интензивираа прекуграничните судири на Израел со либанската милитантна група Хезболах. Според израелскиот генералштаб, командантите донеле и одлуки за забрзување на подготвеноста на силите на терен.

– Многу сме блиску до моментот кога ќе одлучиме да ги смениме правилата на игра против Хезболах и Либан – предупреди претходно израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, додавајќи дека во тотална војна Хезболах ќе биде уништен, а Либан ќе биде сериозно погоден.

По оваа објава, Пентагон соопшти дека САД не сакаат ширење на регионалниот конфликт на Блискиот Исток.

– Нема да навлегувам во хипотетички сценарија и шпекулации за тоа што може да се случи, освен да кажам дека никој не сака ширење на регионална војна – изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Патрик Рајдер.

Како што ситуацијата во израелската влада се интензивираше по оставката на опозицискиот лидер Бени Ганц и распуштањето на воениот кабинет формиран во октомври минатата година, се појавија нови тензии меѓу сојузниците, САД и Израел.

Белата куќа ја откажа средбата меѓу првите луѓе на двете земји посветена на Иран закажана во Вашингтон, по видеото на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кое тој тврди дека САД ја ограничуваат воената помош за Израел.

Американскиот пратеник Амос Хохштајн за време на разговорите со Нетанјаху по враќањето од посетата на Бејрут пренесе дека најблиските советници на американскиот претседател Џозеф Бајден биле лути поради видеото на израелскиот премиер, поради што состанокот бил откажан. Откажувањето имало за цел за да се испрати порака дека САД не се согласуваат со изјавата на Нетанјаху.

Дополнителна тензија на теренот доаѓа и по вчерашната закана на лидерот на Хезболах Хасан Насрала кој изјави дека Хезболах има ново оружје и разузнавачки способности кои, во случај на сеопфатна војна, би можеле да му помогнат да погоди цели длабоко во израелската територија.

„Сега имаме ново оружје. Но, нема да кажам какво. Кога ќе се донесе одлуката, тоа ќе се види на првите борбени линии“, порача Насрала.

Насрала се заканил и дека ќе го нападне европскиот остров Кипар доколку избие војна меѓу Израел и Либан, пишува Си-ен-ен.

Кипар, исто така, ќе биде дел од оваа војна ако ги отвори своите аеродроми и бази за израелските сили“, рече Хасан Насрала во телевизиско обраќање само еден ден откако Израел го предупреди Хезболах, група поддржана од Иран, дека војната е неизбежна.

Ова е првпат Хезболах да му се закани на Кипар, кој е земја-членка на ЕУ и се наоѓа во Средоземното Море, на околу 200 километри од Либан. Кипар одржува заеднички воени вежби со Израел од 2014 година.

Заканата на Насрала дојде како дел од одговорот на предупредувањето на Израел. Тој рече дека Хезболах „ќе ги потресе столбовите на Израел доколку на Либан му се наметне војна“.

Тензиите меѓу Хезболах и Израел се зголемуваат по нападот на Хамас и воената кампања на израелските одбранбени сили во Газа на 7 октомври што следеше. Прекуграничните напади меѓу Хезболах и Израел се интензивираа во последниве недели, што ја зголеми загриженоста за можноста за сеопфатна војна.

Во вторникот, Хезболах се пофали со 9-минутно видео снимено со дрон на кое се прикажани цивилни и воени локации околу еден од најголемите израелски градови, Хаифа. Видеото го поттикна израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац да предупреди на „сеопфатна војна во која „Хезболах ќе биде уништен, а Либан тешко поразен.

Но многумина сметаат дека оваа храбра изјава и промоција на сила на лидерот на Хезболах ги потврдува стравувањата дека неодамнешните најави на рускиот претседател Путин дека Русија ќе почне да ги вооружува непријателите на западот, почнала да се реализира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот