ВИДЕО | Андоновиќ: Една година од упадот на Хамас, војната ескалира, сè уште трае заложничката драма
Една година откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, Израелците се обединети од заедничката траума од нападот, но поделени околу тоа како да се запре војната.
Пред една година, Израел започна една од најсмртоносните и најразорните бомбашки кампањи во модерната историја во Појасот Газа.
Воената кампања дојде само неколку часа откако Хамас, палестинската милитантна група која ја контролира Газа и е наведена како терористичка организација од страна на САД и Европската Унија, изврши напад без преседан врз Израел, најсмртоносниот во историјата на земјата.
Целта на Израел да го уништи Хамас нанесе огромна штета кај цивилите и инфраструктурата во палестинската енклава, една од најгусто населените области во светот.
Во нападот на 7 октомври од страна на милитантите на Хамас загинаа 1.205 луѓе, од кои повеќето цивили, пренесоа западните агенции повикувајќи се на официјалните израелски податоци кои вклучуваат заложници убиени и во заробеништво.
Од 251 заложник земен од милитантите, 97 сè уште се во заробеништво во Појасот Газа, вклучително и 33 кои израелската војска ги прогласи за мртви. Во израелската офанзива загинале најмалку 41.455 луѓе во Појасот Газа, од кои повеќето цивили, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израел соопшти дека 346 негови војници биле убиени во копнената инвазија на Газа, која дојде неколку недели по започнувањето на воздушното бомбардирање. Израел, исто така, проценува дека 17.000 борци на Хамас се убиени во Газа. Хамас ги отфрли тие тврдења.
Поделбите во Израел се продлабочија околу воената политика на Владата по краткотрајниот прекин на огнот во ноември, со кој беа ослободени 105 заложници и покренаа прашања за тоа како да се вратат останатите дома.
Ниту една сабота вечер не поминува без илјадници демонстранти да излезат на улиците на Тел Авив, а понекогаш и во други градови, велејќи им на властите: „Вратете ги дома сега!“
Но, оние Израелци кои бараат договор со Хамас „по секоја цена“ за да ги ослободат заложниците се критикувани од оние кои стравуваат дека таквите протести ја поткопуваат позицијата на Владата и ненамерно би можеле да ги зајакнат милитантите.
Војната, исто така, ги влоши поделбите меѓу секуларните Израелци и верниците, во голем дел поради ослободувањето од воена служба на ултраортодоксните Евреи, што иритира многумина.
Имајќи предвид дека од 7 октомври загинаа повеќе од 700 припадници на безбедносните сили, дека се мобилизирани десетици илјади резервисти, а со оглед на големата воена операција на северната граница со Либан, ова прашање е поважно од кога било.
Од друга страна, жителите на Северен Израел се жалат дека државата ги напуштила долго пред војната, а нивните проблеми значително се зголемија откако Хезболах започна прекугранични напади за поддршка на Хамас на 8 октомври.
Поради речиси секојдневните напади, десетици илјади луѓе беа евакуирани, а околу 60.000 сè уште не се вратиле во своите домови.
Низ Израел се одржуваат церемонии за да се одбележи првата годишнина од нападот на Хамас на 7 октомври, додека војната беснее во Газа и ескалира во Либан, заканувајќи се да се прошири низ Блискиот Исток.
Додека трае одбележувањето, Израел бомбардираше цели во Бејрут и Газа, додека ракетите на Хезболах ја погодија Хаифа, третиот по големина град во Израел, предизвикувајќи штета на зградите, соопшти полицијата. Израелските медиуми јавија дека пет лица се ранети во ракетни напади во Хаифа и градот Тиберија.
Израелските воздушни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, што ги прави најинтензивните напади врз либанската престолнина откако Израел остро ја ескалира својата кампања против Хезболах минатиот месец.
Церемониите и протестите во Ерусалим и во Јужен Израел беа закажани за 6.29 часот, кога милитантите предводени од Хамас лансираа ракети кон Израел минатата година.
Упадот на Хамас за момент го понижи Мосад и Шин бет кои беа обвинети дека не предвиделе ниту пак имале сознанија дека се подготвува ваков терористички напад.
Година дена подоцна се чини дека и Мосад и Шин бет успеаја да го вратат реномето во разузнавачката заедница преку генијално реализираната акција со ескплозијата на пејџери и радио станици на локалните теороистички команданти. Упеаја да го ликвидираат водачот на Хамас, Исмаил Ханије и голем број локални команданти. Го ликвидираа и водачот на Хезболах, Хасан Насрала и ја заострија состојбата и со Либан и со Иран.
Година дена по нападот на Хамас, веќе наголемо се разгледува отворена војна на Израел со главниот поддржувач на овие акции против Израел, Иран, што според многумина би можело да доведе до голема војна, која од регионална би можела да стане светска. Се стравува и дека може да дојде до голема криза доколку Израел ги нападне нафтените полиња на Иран.
И додека се размислува каков ќе биде одговорот и одмаздата на Иран, Израел засега води копнена операција во Појасот Газа против Хамас, операции во Либан против Хезболах, и ракетна кампања против хутите во Јемен и шиитските групи во Сирија.