ВИДЕО | Андоновиќ: Дали Трамп ќе го принуди Зеленски на оставка? Ова се можните сценарија за Украина

Фото: Слободен печат

Во својата кампања, претседателот Доналд Трамп често зборуваше за брзо решение на војната во Украина, истовремено обвинувајќи го поранешниот претседател Џо Бајден дека ги вовлекува САД во трета светска војна. Покрај самиот Трамп, политиката на Бајден ја критикуваа и советниците на Трамп, како и кандидатот за потпретседател, Венс. Исто така, беше понуден план за запирање на војната на линијата на фронтот. И покрај тоа, претседателот Трамп уште пред својот прв мандат вети многу работи, кои не ги исполни, па постои можност и тоа да не се оствари.

Сепак, некои работи може да се соберат од она што Трамп го направи во неговиот прв мандат, како функционира американската администрација, а исто така и од самиот контекст на тековната војна. Ако претседателот Трамп и САД навистина сакаат да ја завршат војната во Украина, без оглед на чија штета и што повлекува таа, има големи шанси тоа да се случи. Европа и Украина тешко би можеле да одолеат на волјата на Вашингтон. Односно, тие сигурно би можеле да изведат одреден отпор одреден период, но прашање е по која цена и што би се постигнало.

Украина и Европа не се во позиција да инсистираат на услови кои сега изгледаат нереални, доколку САД одлучат да ја запрат подршката.

Од друга страна,  доколку Русија  реши да го забави процесот, може да биде под влијание од  Кина и земјите од глобалниот југ, кои се заинтересирани за што побрзо завршување на војната. Но, главното прашање е каква позиција ќе заземат САД.

Не треба да го игнорираме фактот дека до инаугурацијата на претседателот Трамп, власта сè уште ја држи администрацијата на Бајден. Таа би можела да донесе неколку одлуки кои значително би ги искомплицирале сите договори за завршување на војната. На пример, давање дозвола  на Украина да користи ракети со долг дострел против цели на руска територија.

Од друга страна, постои силна струја во Републиканската партија која се залага за „построг“ пристап кон Русија отколку што беше случај досега. Оваа струја е поврзана со американската воена индустрија и компаниите за нафта и гас, односно оние кои директно профитираат од војната во Украина. Војната им овозможи на Американците да преземат добар дел од европскиот пазар на нафта и гас, со што Русите беа истиснати пред сè поради санкциите.

Понатаму, војната ја врзува Европа со САД, правејќи ја ЕУ зависна од американските безбедносни гаранции. Војната ги  слабее двајца од главните конкуренти на САД: Европа, се разбира Германија, која го загуби рускиот гас и Кина, на која Европа сега полесно ќе и  воведува нови царини.

Покрај тоа, САД имаат интерес да продолжат да продаваат оружје на Европа, како и привилегијата практично да ги преземат сите важни работни места поврзани со истражување и експлоатација на руда и минерали во Украина.

Во исто време, јасно е дека претседателот Трамп е опкружен со луѓе кои веруваат дека на Украина не треба воено да ѝ се помага. Главниот аргумент е секако опасноста од нуклеарна војна или целосна  војна меѓу САД и Русија.

Второ, се смета дека приближувањето на Русија со Кина дополнително го зајакнува и радикализира антиамериканскиот сојуз. Третиот аргумент е дека нема гаранции дека Европа ќе продолжи да ја следи американската политика, односно дека нема да одлучи да започне сопствена политика на обновување на односите со Русија и Кина. Засега не е јасно која струја има поголема тежина за претседателот Трамп и како тоа ќе влијае на понатамошната политика.

Информациите од украински извори и различни анализи укажуваат дека се верува дека претседателот Зеленски нема отворено да се спротивстави на новата стратегија на Вашингтон. Имено, доколку САД почнат да инсистираат на план за запирање на војната на првата линија, на Украина ќе ѝ биде многу тешко да го одбие главниот партнер.

Прекинот на огнот е далеку од најлошото сценарио за Украина во сегашните услови.

Дури и поранешниот претседател Порошенко, кој важи за лидер на опозицијата, познат по своите чести националистички ставови и кој генерално е позициониран повеќе десно од сегашната украинска влада, во својот нацрт-план го гледа запирањето на војната на линијата на фронтот како една од клучните точки за понатамошно решавање на конфликтот во Украина. Киев ќе се обиде да ги добие најдобрите можни услови за прекин на огнот.

Според едно мислење, претседателот Трамп не е задоволен од украинскиот претседател, па нивните односи би можеле да бидат многу лоши, дури и до тој степен што украинскиот претседател ќе биде принуден да поднесе оставка. Еден од аргументите што ја поддржува оваа теза е посетата на претседателот Зеленски на Соединетите Американски Држави и, како што ја толкуваат некои републиканци, помагањето на демократите во предизборната кампања.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот