ВИДЕО | Андоновиќ: Дали Израел започнува со создавање на „нов Блиски Исток“?
По последните напади врз Сирија, израелските лидери и голем дел од неговите медиуми го фалат создавањето на „нов Блиски Исток“.
По драматичното бегство на поранешниот сириски претседател, Башар ал Асад во Москва оваа недела, Израел започна стотици напади против својот сосед, тврдејќи дека тоа е неопходно за негова одбрана.
Експерите потсетуваат дека Израел ја напаѓа Сирија неказнето изминатите десетина години кога во 2013 година, бомбардираше сириски конвој со оружје. Оттогаш, Израел континуирано ја напаѓа Сирија, обично тврдејќи дека цели на позиции што им припаѓаат на нејзините непријатели – Хезболах и Иран.
Во изминатите неколку дена, Израел изврши повеќе од 480 воздушни напади врз Сирија и во исто време ги распореди своите копнени сили во демилитаризираната зона, лоцирана во сириската територија долж границата со Израел, најавувајќи дека сака да создаде „стерилна одбранбена зона“ и со кој практично го урна договорот од 1974 година со кој беше воспоставена тампон зона.
Исто така, во понеделникот нападна 15 бродови закотвени во медитеранските пристаништа Бајда и Латакија, речиси 600 километри северно од Голан.
Преземајќи голем дел од заслугите за метеорскиот подем на сириската група Хајат Тахир ал-Шам (ХТС), израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на новинарите: „Падот на сирискиот режим е директна последица на тешките удари со кои ги нападнавме Хамас, Хезболах и Иран“.
Израел во изминатите 14 месеци го нападна Иран, неговиот сојузник Хезболах во Либан, потоа започна инвазија на Либан, а сега ја напаѓа Сирија. Цело време ја напаѓа опколената енклава Газа, напад кој неколку држави и меѓународни организации го оценија за геноциден.
Без разлика на жртвите, кој според некои информации се најмалку 50 илјади, говорот на Нетанјаху за „промена на лицето на Блискиот Исток“ наиде на подготвена поддршка во голем дел од израелските медиуми.
Во мислењето објавено во The Jerusalem Post, тој изјави: „Израел во изминатата година направи повеќе за стабилноста на Блискиот Исток отколку со децении неефикасни агенции на ОН и западни дипломати“.
Различни земји, вклучувајќи ги Египет, Франција, Иран, Ирак, Катар, Русија и Саудиска Арабија, ги критикуваа нападите на Израел врз новоослободената Сирија. И 22-члената Арапска лига објави соопштение во кое го обвини Израел дека се обидува да ги „искористи внатрешните предизвици на Сирија“.
Обединетите нации, чиј мандат за следење на тампон зоната меѓу Сирија и Израел трае до крајот на оваа година, го осудија ова кршење на меѓународното право.
Сепак владата на Нетанјаху како целосно да ги игнорира овие осуди и продолжува да спроведува политика за отстранување на опасностите за Израел.