ВИДЕО | Андоновиќ: Белград се сомнева дека ЕУ намерно го успорува процесот на формирање на ЗСО?

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

По посетата на Приштина но без епилог и напредок во однос на согласноста за формирање на Заедницата на српските општини, денеска во Белград доаѓа специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак. Целта на посетата, како што официјално е најавено да се подготви теренот за нова средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Албин Курти, на 18 март во Охрид, кога е предвидено да продолжат разговорите за Европскиот предлог за Косово.

Белград веќе ја искритикува посетата на Лајчак на Приштина наведувајќи дека наместо да ја искористи својата улога како посредник и да се обиде да го убеди Курти конечно да го исполни потпишаното една деценија претходно, пред да го продолжи дијалогот со Вучиќ, Лајчак не само што не успеал да го постигне тоа туку дополнително го охрабрил Курти со изјавата дека Заедницата на Српски Општини во моментов не е на дневен ред на разговорите.

Дополнително, во изјавата, Лајчак навестил „стимулирање“ на Косово со визна либерализација. Токму поради овие причини, како и пораката што Лајчак ја испрати по средбите со Курти, претседателот на Србија Александар Вучиќ е сомничав за денешната агенда и средбата во Белград. Како што изјави претходно, Вучиќ најави дека повторно ќе се обиде да најде начин за нормализирање на односите но не и да ја потпише капитулацијата на Србија.

Одговарајќи на изјавите на Лајчак од Приштина, Вучиќ истакна дека според она што го слушнал „едвај е постигнат напредок и сигурно е дека Курти е решен да не формира ЗСО и дека тоа му е лесно да го направи откако ќе ја добие веќе ветената визна либерализација“.

Но, и политичките кругови и српските медиуми тврдат дека претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Лајчак денеска пристигнува во дводневна посета на главниот град на Србија, со празни раце. По разговорите со премиерот на Косово, Албин Курти, минатата недела во Приштина, кои поминаа без никаков напредок кон формирањето на Заедницата на српските општини, јасно е дека приоритет на ЕУ е спроведувањето на европскиот план за решение за косовското прашање, а не да се исполни она што беше предвидено во Бриселскиот договор, велат доброупатени кругови во Белград.

Очигледно е дека европските функционери брзаат што побрзо да го решат косовскиот проблем, но големо прашање е дали ќе успеат во тоа бидејќи според потезите што Брисел ги презема во последно време, очигледно е дека европскиот план зазема повисоко место на листата на приоритети.

Кога станува збор за ЗСО, Лајчак изјави дека „менаџерскиот тим треба, пред сè, да претстави предлог за ЗСО, а потоа да разговара за критиките и забелешките кои ќе ги имаат двете страни“.

Тој му претставил на Курти 15 европски модели на структури слични на ЗСО, кои „може да послужат како инспирација за тоа како заедницата ќе функционира на Косово“. На овој начин може да се каже дека ЕУ заедно со Приштина „купува време“ во врска со ЗСО, чиј модел на формирање беше дефиниран со Договорот од Брисел во 2013 година, обвинува Белград.

Од друга страна пак дека Курти сè уште ја има поддршката од западот за неговиот тврдоглав став кон ЗСО, јасно е и фактот што тој продолжува да го провоцира Белград со барање за меѓусебно признавање, сметаат српските аналитичари.

Самиот српски претседател Вучиќ пак повтори дека е свесен за притисоците и дека Приштина помогната од меѓународната заедница ќе се обиде целата вина да ја префрли на Србија, бидејќи таа нема да потпише независност, нагласувајќи дека е лицемерно оние што преќутно го поддржуваат тврдиот став на Курти за ЗСО, учествуваат во дијалогот.

Коментирајќи ги најавите дека средбата во Охрид овој викенд може да биде „денот Д“ во разговорите меѓу Белград и Приштина, Вучиќ оцени дека „многупати се споменува“, но дека таков ден нема. Вучиќ очекува денови многу тешки. и со многу сложени.разговори, дипломатија, и одбрана на српските државни и националните интереси.

Вучиќ повтори дека знае оти претседателската заклетва ја дал за Уставот и оттаму нема да има „ниту фактичко, ниту де јуре“ признавање на независноста на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот