ВИДЕО | Андоновиќ: Бајден во расчекор пред заминувањето од Белата куќа, го губи ли авторитетот кај Нетанјаху?
![](https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2024/06/andonovic11.png)
Администрацијата на Бајден стана сè понедоверлива во последните неколку недели кон она што израелската влада го вели за нејзините воени и дипломатски планови во војната на повеќе фронтови што ја води, изјавија четворица американски претставници за Аксиос.
Влошената криза на доверба се надополнува со планираната одмазда на Израел против Иран за неговиот масовен ракетен напад, кој бара координација со САД во случај Иран да одговори.
Двајца американски функционери изјавија за Аксиос дека за време на разговорот во петокот, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, му рекол на израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер дека САД очекуваат Израел да биде „јасен и транспарентен“ во врска со своите планови да му возврати на Иран поради импликациите за САД и интересите во регионот.
Саливан сигнализираше дека ако САД не знаат што планираат Израелците да направат, тие нема автоматски да бидат вклучени во одговорот на уште еден ирански ракетен напад. Сепак, американските власти признаваат дека без разлика на сè САД многу веројатно ќе му помогнат на Израел да се одбрани од напади.
Официјалните лица рекоа дека Дермер нагласил дека Израел сака да се координира со САД, но додаде дека администрацијата на Бајден станала многу сомничава и со недоверба гледала на плановите кои Израел им ги доставува. Белата куќа одби да ги коментира овие наводи, а израелската амбасада во Вашингтон досега не се произнесе за овие наводи.
Сепак, повеќе од очигледно е дека изминатиов период Израел неколкупати ги „изненади“ САД и од израелските воени и од разузнавачките операции. Во неколку случаи, САД не биле консултирани или известени однапред, а понекогаш биле известени само кога израелските авиони веќе биле на пат да извршат воздушен напад некаде на Блискиот Исток.
Израелците не ја информирале однапред администрацијата на Бајден за драматичниот потег да се убие лидерот на Хамас, Исмаил Ханије во Техеран.
Покрај тоа, тоа дојде неколку дена откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекол на претседателот Бајден во Овалната соба дека ќе преземе чекори за да постигне напредок кон договор со Хамас за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Газа.
САД, исто така, не знаеја за плановите на Израел да активира пејџери и воки-токи што ги користат членовите на Хезболах во Либан, ниту за планираниот атентат на водачот на оваа група, Хасан Насралах.
Американски официјални лица изјавија дека министерот за одбрана, Лојд Остин бил лут кога израелскиот министер Јоав Галант го информирал за атентатот на Насралах неколку минути пред израелските авиони да фрлат бомби над Бејрут. Остин, наводно, сметал дека тоа е прекршување на довербата бидејќи доцното известување не му дозволило на Пентагон да преземе акција за заштита на американските сили во регионот, беше објаснувањето на американските официјални лица. Израелските власти рекоа дека Галант му рекол на Остин дека Нетанјаху му наредил да не ги информира САД однапред.
Друг случај што поттикна недоверба и сомнеж во Белата куќа беше второто премислување на Нетанјаху за иницијативата за примирје во Либан, претставена од САД.
Бајден ја објави иницијативата откако неговите советници добија информација од Нетанјаху и Дермер дека Израел ја прифаќа. Меѓутоа, Израел на крајот не се согласи на иницијативата.
Висок израелски функционер рече дека Аксиос Нетанјаху не отстапил од она што им го кажал на САД и дека причината за тоа што се случило е недоразбирање меѓу страните.
„Разбираме дека повикот на Бајден за прекин на огнот е почеток на процес, а не нешто итно. Имаше мешаница, но ја поправивме ситуацијата“, рече израелскиот претставник.
Во последните денови, администрацијата на Бајден покрена прашања до Израел за наредбата на Израелската војска, палестинските цивили во Северна Газа да се евакуираат на југ.
Американските власти изразија загриженост дека ова е подготовка за израелска опсада на северот на Газа и дека Палестинците кои ќе заминат нема да можат да се вратат. Според американски официјални претставници, администрацијата на Бајден им кажала на Израелците дека таквиот потег би го прекршил меѓународното и американското право.
Американските власти рекоа дека Израел наводно им кажал дека нема намера трајно да се раселат Палестинците од северниот дел на Газа или да се наметне опсада на областа и дека тоа е привремена операција на израелската армија.
Сепак, американските официјални лица, како што пренесува Аксиос имале дилема дали воопшто да им веруваат на Израелците, што го потврдува недостигот на доверба меѓу САД и Израел и последните случувања кои се однесуваат на најавите на Израел за одмазнички напад врз Иран.
Израелскиот министер за одбрана Галант го уверил својот американски колега Остин дека Израел не донел конечна одлука за времето и опсегот на неговата одмазда против Иран.
Бајденовата администрација се противи на израелската одмазда врз нафтените и нуклеарните капацитети како и врз претседателскиот комплекс и седиштето на верскиот водач, ајатолахот Хамнеи во Техеран.
Овие израелски можни цели го алармираа Вашингтон да се обиде да го спречи Нетанјаху бидејќи тоа ќе предизвика големи последици за безбедноста во регионот, а можеби и во светот.
Како дополнување на лошата комуникацаја меѓу Бајденовата администрација и владата на Нетанјаху доаѓа и денешното одлагање на посетата на министерот за одбана Галант кој требаше да отпатува на консултации во Вашингтон. Патувањето е во псоледен миг одложено, а причина според некои медиуми е наводната наредба на Нетајаху Галант да не патува во Вашингтон.
На неполн месец од американските претседателски избори на кои актуелниот претседател Бајден не се кандидира, се добива впечаток дека Нетанјаху го користи како можност порадикално да се справи со проблемите и потоа кога во Белата куќа ќе влезе новата администрација, да искаже подготвеност за примирје и преговори.
Дотогаш се чини дека Израел ќе оди до крај со елиминација на непријателите.