ВИДЕО | Анализа: Бугарија само со војна би можела да ја припои Македонија
Лидерот на ултранационалистичката и екстремно десничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да ги покрене барањата за припојување на Македонија кон Бугарија.
– Очигледно дека Македонија повторно е топ тема во бугарската политичка сцена, нешто што не беше случај на последната кампања за парламентарните избори. Костадинов побара Бугарија да ја припои Македонија, но заборава дека сегашните граници се резултат на минатите војни, а токму Бугарија е поразена во три војни за Македонија. На нашите простори не важи правилото за купување на територии, бидејќи таквите примери се однесуваат за ненаселени и екстериторијални територии, како што некогаш биле Грендланд, Алјаска или Луизијана. Тоа не важи за Македонија, бидејќи ние како Македонци нема доброволно да станеме дел од Бугарија, па сништата на Костадинов би можеле да се реализираат само со нова војна, за која сметам дека во моментов Бугарија нема сили да ја води – вели новинарот на Слободен печат, Срѓан Ивановиќ.