Граѓанската организација „Банка за храна Македонија“ веќе десет години се обидува да направи конекција помеѓу храната што се фрла од една страна и гладните луѓе кои не можат да си дозволат оброк од друга страна.
Претседателот на организацијата, Душко Христов вели дека застрашувачи е податокот дека околу 80.000 луѓе јадат само два-три пати неделно.
–Разочарувачки е што многу компании храната со истечен рок или пред истекување на рокот ја фрлаат во ѓубре, со таа храна можат да се нахранат многу гладни. Нивниот изговор е законот за донација и спонзорство, според кој донаторите на храна мораат да платат данок на додадена вредност. Затоа, поисплатливо на фирмите им е да ја фрлат храната отколку да ја донираат, рече Христов.
Организацијата Банка за храна минатата во 2019 година беше дел од работната група која што ја формираше Владата и достави Предлог закон за донирање на вишокот храна. Очекувањата се дека со донесување на тој закон и со Законот за донација и спонзорство ќе се олесни донирањето во Македонија кое засега се одвива по стариот закон за донирање согласно кој се плаќа 18 проценти данок на додадена вредност на донацијата.
Христов додаде дека како организација имале идеја да постават и фрижидери за храна на јавни места, но се откажале бидејќи не успеале да најдат волонтери за чување на фрижидерите и донатори за електричната енергија која ќе се потроши за одржување на фрижидерите. Таква иницијатива имало во Барселона и Нови Сад. Но, се покажало дека свеста кај населението не е се уште на ниво на кое ќе се внимава на достоинството на тие за кои е наменета храната.