Вицот за премиерот и за златната рипка од Зајас

Кога го чул премиерот аберот од мисионерот, сиот несреќен, се фрлил во матната вода. На дното го чекале неколку негови претходници. Ги однела водата од Зајас.

Обидувајќи се да улови риби што ловат во матно, премиер на земја што е пред вратите на Европската Унија и членка на НАТО, фатил златна рипка додека местела тендери. Кога видел дека рипката е родум од Зајас, во чии врутоци се икрат моќни риби, ѝ рекол дека ќе ѝ прости. Дури ѝ ветил и дека ќе ѝ помогне (ако Антонио се смилува) да плива во фонтаните на Шенбрун или Версај доколку му исполни три желби.

– Првата желба ми е да го покриеш скандалот со изборот на јавен обвинител – ѝ рекол премиерот.

Рипката му се јавила на обвинителот соселанец и сопартиец, кого можеби го сретнала во Зајас, но не го запознала. Иако преку ноќ станал шеф на прогонителите на висок криминал и корупција, обвинителот прво не сакал да слушне, затоа што му рипнале акциите во акционерското друштво од Зајас. Особено откако беше катапултиран во вишите и уште повисоки обвинителства, по фотографирањето со братот на мисионерот во партијата и со други партиски моќници облечени во маскирни облеки. Но, кога му го спомнала премиерот, обвинителот ѝ рекол на рипката:

– Ми дадоа шанса. Затоа, ако треба, ќе се откажам од една тезга – да бидам член на Одборот во Академијата за судии и обвинители. Нему и не му било толку до тезгата колку да помогне и жена му да стане обвинителка со метеорска кариера.

Рипката, сета среќна, му пренела на премиерот за отстапката на обвинителот. Прајм-министерот подголтнал и ѝ рекол на „златната“:

– Ај да видам дали ќе ми ги исполниш другите две желби, па ќе решам дали да те пуштам во вода или низ вода. Втората желба ми е да го покриеш некако скандалот во акционерското друштво во контролата на летање.

Рипката се јавила кај директорите, ужалени што не вдомиле сироти деца на татковци со плати и хонорари од илјадници евра. Замислете, на децата им се потсмевале во маало дека со такво познавање на англискиот јазик можат да бидат контролори, но во ЈСП. За да му угодат на премиерот, паднал договор директорите да се прават наудрени како ништо да не се случило, но сепак да се откажат од пренесувањето на контролата на височините од колено на колено.

Рипката, сета среќна, му раскажала на премиерот за големата жртва на директорите, а прајм-министерот ѝ рекол дека и самиот ќе се обиде некако да ја замачка работата со – „гнилите Данци“ што не почитуваат наши, локални правила при избор на конкурси.

– Третата желба ми е, вие, во вашата партија, да се приберете веќе еднаш. Уште чекам учебници на децата да обезбедите. Лани скандалите се редеа барем еднаш месечно, сега почнаа да избиваат секој ден.

Златната рипка собрала сила и му кажала на мисионерот во партијата за желбата на премиерот, иако мисионерот се налутил што партнерот во власта испраќа пораки преку некои си таму риби, макар биле од Зајас, од неговата партија, згора и млади, убави, амбициозни и квалитетни, небаре се викале Бесмира. Мисионерот сепак ѝ рекол дека ќе ги смирува страстите за барањата „да се бришат 20 отсто“ од Уставот, зашто сега не е време за тоа, има други приоритети.

Рипката, сета среќна, го известила премиерот за отстапката на мисионерот. Премиерот не добил што барал, но решил да не „растура коалиција“ зашто допрва треба да се менува Устав, за што му требаат сто отсто „Бадентер и балансер“ гласови.

– Не ми заврши баш многу работа, ама ај, ќе те пуштам. Кој сум, пак, јас да правам коалиција без мисионерот кога ниеден друг досега пред мене не успеал во тоа.

Рипката, сета среќна, застанала во редот пред премиерот, чекајќи да ја испратат во кралските бунари. Арно ама, сега мисионерот имал желби за исполнување, па пратил абер преку „златната“.

– Види, во партијата гори, даваме отчет, па речи му на премиерот дека и ние имаме список на желби – контрола на буџетот, контрола на надворешната политика, контрола на судството, нови правила за референдум, претседател на државата да се избира во Собранието…

Кога го чул премиерот аберот од мисионерот, сиот несреќен, се фрлил во матната вода. На дното го чекале неколку негови претходници. Ги однела водата од Зајас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот