Вежбајте редовно ако сакате да имате фантастичен сексуален живот
Сите знаеме дека вежбањето е многу важна активност за физичкото здравје, но дали сте знаеле дека редовното вежбање е, можеби, пресудно за вашето сексуално здравје? Четириесет и три отсто од жените и триесет и еден отсто од мажите имаат некаква форма на сексуална дисфункција, а дебелината и недостатокот на вежбање често се причините за оваа состојба, пишува „Си-ен-ен“.
Една студија, објавена во „The Journal of Sexual Medicine“, покажа дека мажите со поголем обем на половината или повисок БМИ имаат 50 отсто поголема веројатност да имаат еректилна дисфункција, додека околу половина од дебелите жени пријавиле проблеми со сексуалната активност и желбата за секс, стои во студијата објавена во „Obese“.
Од друга страна, пак, жените кои вежбале до шест часа неделно покажале помал сексуален стрес и отпорност на интимност. Барем тоа го тврди една студија од 2021 година. Вежбачите покажале и повисоки нивоа на желба за секс, поголемо возбудување и посилни оргазми.
Сексот не треба да биде табу
„Ова е медицински проблем со кој навистина треба да се занимаваме како дел од општото здравје и благосостојба. Сепак, сексот е табу тема, што секако не треба да биде“, вели д-р Карин Ејлбер, уролог во медицинскиот центар „Кедарс Синај“ во Лос Анџелес и експерт за сексуално здравје.
Сексот е значаен дел од човечкото битисување, а неговото значење не е само во разможувањето на нашиот вид. Квалитетната сексуална активност има големо влијание врз менталното и емоционалното здравје, квалитетот на животот и силата на интимните односи. Голем број студии го потврдуваат тоа, што укажува дека сексот и интимноста се важни во многу аспекти на благосостојбата, како што е чувството дека сте разбрани и прифатени.
Вежбањето ја подобрува циркулацијата и помага да се обезбеди здрав циркулаторен систем. А силниот проток на крв е клучот за возбудата. Кај мажите помага при ерекција, а кај жените е пресудно за вагиналното окружување.
Кога вежбате редовно, развивате и поголема издржливост. Ова е важно за сексуалното здравје, бидејќи сексот е вежба сам по себе. Една студија на Националниот институт за здравство вели дека половина час сексуална активност може да согори 125 калории кај мажите и речиси 100 калории кај жените.
Откако ќе воспоставите рутински режим на вежбање, ќе се чувствувате подобро и позгодно. Ова, пак, ќе ви ја подобри самодовербата.
„Ништо не е посекси од самодовербата“, вели д-р Ејлбер.
Една студија од 2019 година, објавена во „Journal of Personality“, покажа дека жените покажуваат посилен интерес за мажи со поголема самодоверба, без разлика дали таа самодоверба е вродена или стекната.
Подобро ментално здравје
Кога сте под стрес или анксиозни/депримирани, вашето либидо може да се намали. Депресијата е многу често поврзана со проблеми со сексуалното функционирање, а колку е потешка депресијата, толку се полоши проблемите. Ова го тврди една студија од 2018 година, објавена во „Indian Journal of Psychiatry“.
За среќа, вежбањето е одлично во борбата против стресот, анксиозноста и депресијата, што може успешно да доведе до обновен сексуален нагон. Познато е и дека антидепресивите негативно влијаат на вашето либидо, вели д-р Ејлбер, а вежбањето може да ви помогне да ја намалите дозата или целосно да ги исклучите.
Почнете да вежбате редовно и вашето целокупно здравје ќе се подобри. Вежбањето дури може да ви помогне да спречите сериозни состојби како висок крвен притисок или дијабетес, чии лекови го намалуваат сексуалното возбудување.