Ветувал ли Боки 13 случајно слобода или многу лажел?

Снимката објавена во италијанскиот весник на која се гледа како Боки 13 и Зоки Кичеец земаат торба полна со пари од бизнисменот Орце Камчев, не е од извор од Обвинителството, изјави за „Независен“, државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

На снимката, меѓудругото, се слуша и разговор меѓу Боки 13 и Камчев. Имено, „правникот“ Јовановски на Камчев му вели изричито и со самодоверба:

– Во понеделник ќе ве ослободат. Вторник најкасно, најверојатно.

Камчев одговара со едно долго „доброоо“, на што Боки му дообјаснува дека ни повеќе ни помалку, Јордан уште не седнат на обвинителна клупа ќе бил ослободен, не од Кривичен, не од Апелација, туку од Врховниот суд на Македонија. Во разговорот Боки 13 ја споменува и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за која тој тврди дека немала да поднесува ни жалби, ни поплаки, а уште помалку правни лекови.

Додека двајцата разговараат, во разговорот, очигледно од „страната“ на Камчев се вмешува и женски глас. На снимката се гледа како Боки и Кичеец ги земаат торбата, во која, според записникот за тоа колку „пачки“ има со банкноти од 50 евра, но и 100, 200 и 500 евра се гледа дека е заведена сума над милион евра.

Ветувањето кое Јовановски му го дава на Камчев е на 20 февруари. Случајно или не, Врховниот суд на Македонија на 4 март, или 14 дена од ветувањето на Јовановски, ги прифати жалбите на осомничените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени во „Империја”. Во случајот „Империја”, осомничени се Орце Камчев, Сашо Мијалков и 11 други лица, меѓу другото и за измама и за перење пари.

Исто така, Врховниот суд на 29 март годинава донесе одлука да ја прифати жалбата на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, осомничен во истрагата на СЈО „Империја“, и да ја укине мерката куќен притвор, изречена со решение на Апелациониот суд на 28 февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот