Ветрот на промените задува во соседна Бугарија

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Колку и да се искрени Петков и Василев во намерите дека ќе го омекнат катастрофалниот и понижувачки вординг од нивните претходници кон Македонија, камен околу вратот кој ќе им тежи во таа нивна намера може да биде нивниот „политички татко“, претседателот Радев.

Триесет години по падот на комунизмот и по воведувањето на повеќепартиската демократија, Бугарите покажуваат еден своевиден феномен: премногу флуктуирачки гласаат за одредени политички партии/формации, испраќајки ги на буништето на историјата старите владејачки елити од кои доживеале целосно разочарување. По улично криминалните деведесетти, кога на сцената во соседна Бугарија доминираа главно два политички табора, Бугарската социјалистичка партија (БСП), наследничка на комунистите и Сојузот на демократските сили (СДС), обединет продемократски блок составен од повеќе партии, здруженија и формации како антипод на комунистите, после нивното катастрофално владеење во транзицискиот период, на политичката сцена се појави националното движење „Симеон Сакскобурготски“, оглавено од поранешниот протеран бугарски цар Симеон Втори, син на Борис Трети Обединител.

На само два месеца пред одржувањето на парламентарните избори во далечната 2001 година, политички активираниот цар се појави на политичката сцена во Бугарија и убедливо ги спечали (победи), со што стана нов бугарски премиер кој земјата ја внесе во НАТО и во ЕУ-асоцијациите. Но, набргу разочараноста на бугарскиот електорат го стигна и него и тој заврши во политичка пензија. Вакуум просторот што се појави по неговата политичка демисија го пополни каратистот, бодигардот на Тодор Живков, генералниот секретар на МВР-то, добропознатиот Бојко Борисов.

Заврши децениската ера на Борисов

Од 2009 година до оваа, тој повеќе од едно десетлетие беше неприкосновен премиер и најмоќен политичар на тамошната политичка сцена, се до одржувањето на циклусот предвремени парламентарни избори оваа година. Првпат Борисов се соочи со едни „реални“ избори, кои не ги организираше тој и неговата владејачка клика и врхушка (читај: намести/поткупи) и нормално – доживеа пораз. Прво во јули од шоуменот Слави Трифонов, кој поради егоцентричност, надменост, суета и никаков политички опит ја пропушти историската шанса да управува со Бугарија, која најверојатно никогаш повеќе нема да ја добие, и сега на ноемвриските избори од харвардскиот двоец Кирил Петков-Асен Василев, поранешни технички министри за економија и финансии во службениот кабинет, назначен токму од најголемиот политички противник на Борисов, актуелниот претседател Румен Радев.

Многу слично, да не речам исто, како во случајот со Сакскобурготски, на само два месеца пред одржувањето на овие избори тие ја регистрираа партијата „Продолжуваме со промената“ и убедливо победија на изборите на кои имаше рекордно ниска излезност. Ќе видиме како ќе се одвиваат постизборните разврски кај нашиот источен сосед, но би било лудост и по овие избори да не се формира стабилна политичка влада. Во време на најголемата здравствена и психолошка светска криза поради ковид-19, која како домино ефект ја предизвика економската, инфлациската и енергетската, криза која се разбира не ја одмина ни Бугарија, би било целосно неодговорно и катастрофално и овој трет пат политичките лидери на парламентарно претставените партии одново да се инаетат и да ги стават своите теснопартиски и лични интереси пред националните и државните и да одбиваат да се договорат за создавање коалициска влада, а со тоа Бугарија да ја продолжи агонијата во која се наоѓа безмалку цела 2021 година.

Промената треба да продолжи и со македонските односи

Тоа што е важно за нас е што првите реторички тонови кои доаѓаат од двоецот Петков-Василев е дека тие многу повеќе ќе се занимаваат со напластените огромни проблеми кои ги мачат Бугарите: ендемската корупција и организираниот криминал, сиромаштијата, нискиот животен стандард, подјарменото судство и обвинителство со кои Бугарија повеќе личи на класична балканска лоша земја за живеење, одошто на полноправна членка на најбогатиот светски клуб-Европската Унија.

Што се однесува до „македонското“ прашање, во интервју за наши медиуми, харвардското дуо беше многу претпазливо и со фина реторичка обланда, истакна дека приоритет во македонско-бугарските односи треба да биде „економската, стопанската и инфраструктурната поврзаност“ и дека паралелно со комисиите за историски прашања, треба да се формираат и други комисии кои ќе се занимаваат со наброените проблеми и области во кои исто така лошо стоиме. Сепак, да не веруваме на празни зборови, туку да почекаме и да ги видиме делата.

Колку и да се искрени во намерите дека ќе го омекнат катастрофалниот и понижувачки вординг од нивните претходници кон Македонија, македонскиот народ и сите македонски граѓани, камен околу вратот кој ќе им тежи во таа нивна намера може да биде нивниот „политички татко“, претседателот Радев, кој повеќе од извесно е дека ќе добие и втор претседателски мандат, познат по своите ригидни, антимакедонски и омаловажувачки ставови и говори кон нас.

Устава пена ми фати од минатата година до денес, укажувајќи  дека т.н. вето на Бугарија кон Македонија во суштина е вето на американските интереси на Балканот, а одработување за руските. Тоа „легендарниот“ лидер на ВМРО-БНД и поранешен министер за одбрана Красимир Каракачанов не само што не сакаше, туку неговиот прост, примитивен, ординарно заостанат националистички балкански мозок немаше капацитет да го сфати. Слушам си дал оставка од лидерското место на партијата, заедно со целото раководство, бидејќи партијата му освоила околу 1 отсто од вкупниот број излезени бугарски гласачи. Не се надевам дека ќе се вразуми, бидејќи пак порачал „новата влада да ги штити бугарските интереси во Македонија“. Се согласувам, ќе ги чува и ќе ги штити, но на начин каков што Универзитетот Харвард ги разбира. Навистина ми е жал што вака заврши, но уште повеќе жал ќе имам, ако согласно правните норми на државата Бугарија, некои поединци од неговата партија кои го (зло)употребуваа „македонското“ прашање за криминално и лично богатење не ја добијат заслужената правна казна. Исто како што ја злоупотребуваа Агенцијата за издавање на бугарски пасоши под твоја контрола, како една најголема национална патриотска измама.

Како и да е, од тука па натаму бугарската држава ќе има полни раце работа во иднина да расчисти со криминалот и со корупцијата која го (за)гуши целото општество и од земјата направи најсиромашна и најбедна членка на ЕУ по сите параметри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот