Ветото останува, на ред е отчетот за преговорите

Згаснаа и ентузијазмот и оптимизмот дека е можно да ги „испегламе“ недоразбирањата со Бугарија, а со тоа и надежите дека таа ќе го тргне ветото за да може земјава да ги почне пристапните преговори за членство во Европската Унија. Не само до изборите во Бугарија, закажани за април, туку и по нив. Сега останува да се преслушаме во Собранието за тоа што направивме и, евентуално, што треба да правиме во врска со преговорите со Софија.  

Претседателот на државата Стево Пендаровски конечно ги урна сите илузии дека е можно Бугарија да го смени тврдиот, понижувачки став со кој задира во прашање за кои нема преговори, негирајќи го идентитетот на Македонците.

– Бугарскиот одговор на Акцискиот план, што Софија го достави до Северна Македонија, практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори. Во него не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции, можеби некои фрази. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс и слично – вели Пендаровски во  интервјуто за МИА.

Плус, тој смета дека и експертската комисија, која неделава треба да се состане,  излегла од својот мандат, дека се напуштени параметрите на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, нагласувајќи дека идентитетските прашања за нас не се тема за преговори.

Сега се во тек преговорите за отчет во Собранието. Министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров најверојатно ќе се појават пред пратениците во собраниската Комисија за европски прашања или во Комисијата за надворешна политика за да реферираат во врска со се што е преговарано со Бугарија. Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистираат, но се уште се сомневаат дека ќе се случи тоа. Иако од Владата потврдуваат дека постои интерес за одржување сесија во парламентот на таа тема.

Пендаровски не гледа причина зошто да нема седница на која ќе се информира за тековните активности со Бугарија. „Мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Тоа е тековна обврска на министрите одвреме-навреме да ги информираат пратениците. Значи, ќе има таква сесија“, тврди претседателот.

Министерот Османи вели дека е подготвен низ транспарента постапка да ги отворат сите прашања поврзани со надворешната политика низ почести средби и тематски седници, во рамки на Комисијата за надворешна политика. Ова го кажа како одговор на поканата од Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја води собраниската Комисија за надворешна политика, додека на чело на Комисијата за европски прашања е Арбер Адеми од ДУИ.

Фуере: ЕУ да се вклучи во спорот

Мислам дека изборите во Бугарија, за жал, нема да донесат ништо ново, па нема поента ЕУ да чека за да дејствува. Европските институции треба да бидат поинвентивни во пристапот. Имаат инструменти кои треба да ги користат, како медијација, со поголем фокус на изучување на историјата. Многу, многу инструменти кои можат да се искористат, а да не се блокира почетокот на преговорите, изјави Ерван Фуере, поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје, во интервју за ТВ Телма.

„Ќе биде проблем ако ЕУ не се вклучи и ако притисокот од Бугарија е толку силен што Владата во Северна Македонија може да се чувствува обврзана да ги прифати позициите што би можеле да бидат контрапродуктивни на долг рок и може да го свртат јавното мислење против неа. Ова ќе биде голема грешка за стабилноста на Западен Балкан, бидејќи ќе се воспостави многу опасен преседан за во иднина“, смета Фуере.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот