Ветингот не смее да се претвори во нова лустрација

Фото: Профимедиа

Сите го посакуваат, а сè уште никој не знае како најдобро да се спроведе процесот на т.н. ветинг во правосудството, односно темелната проверка на чесноста и стручноста на судиите. Допрва ќе се анализира кој сè ќе биде опфатен со проветрувањето и дали во процесот ќе влезат и обвинителите, носителите на јавните законодавни и извршни функции и политичарите. Треба да се најде решение и за тоа кој и на кој начин ќе ја врши проверката и колку долго ќе трае, но и за најбитното – какви последици ќе сносат судиите што ќе бидат фатени во корупција, во спрега со мафијашко-криминалните подземја и со разни лоби групи или оние што ја лажирале сопствената стручна подготвеност за вршење на функцијата.

По пуштањето на разрешената специјална обвинителка Катица Јанева во домашен притвор од страна на кривичниот совет при Апелацискиот суд во Скопје и СМС-пораката во која шефицата на ЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска за овој потег им се закани на судиите дека „ќе ги истресе од гаќи“ со финансиска контрола, експлодира незадоволството на јавноста од начинот на кој се испорачува правдата во Македонија. Во изминативе три дена судиите, обвинителите и сите политички партии едногласно побараа ветинг во правосудството, а министерката за правда Рената Дескоска најави дека контурите на процесот веќе се исцртуваат, а ќе почне по изборите во април.

Ивановски: Поени пред избори

Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ветингот може да биде корисна алатка за лекување на болното судство, но нема гаранција дека ќе се спроведе правилно или дека нема да се злоупотреби. Според него, и сега постојат механизми што им стојат на располагање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, со кои можат ги исчистат корумпираните судии и обвинители од правосудството, но не ги користат.

– Ветингот треба да се проба како една алатка за прочистување на правосудството од нестручни и корумпирани кадри, но кај нас секогаш постои опасност од тоа добрите идеи за време на својата реализација да ја изгубат смислата и суштината. Ако ветингот се одвива како процесот на лустрација, кој исто беше замислен како прочистување на општеството, но се претвори во кастрација на здравиот разум, тогаш нема потреба да се прави. И сега, без ветинг, имаме законски механизми за прочистување, но самите институции, како Судскиот совет и Советот на обвинители, кои се одговорни да обезбедат самостојност и независност во правосудството, не ги почитуваат. Зошто уште трае постапката против Јово Вангеловски, зошто не се расчисти со „сваровски“ судиите, а за кои има докази дека се во некои спреги итн. Треба да си функционира редовниот систем што постои – вели Ивановски за „Слободен печат“.

Тој смета дека и во новите механизми што ќе се воспостават за ветингот, повторно за разрешување судии ќе одлучуваат судии и не верува дека со учество на странски експерти во комисиите за ветинг што би се формирале овој процес може да биде поуспешен.

– Мислам дека овие најави за ветинг сега се повеќе во функција на собирање поени пред предвремените парламентарни избори во април отколку искрена желба за независно и објективно судство. Не е неопходен ветингот, реформата најдобро ќе се обезбеди со отворањето на првите две поглавја за судство и правосудство во преговорите за членство во ЕУ, со кои ќе се дојде до фундирани начела и принципи за функционирање на правосудството – смета Ивановски.

Подобро помалку, но чесни судии

Според министерката Дескоска, ветинг мора да се спроведе за да се издвојат неквалитетните, непрофесионалните и корумпираните, а од тоа не треба да се плашат чесните судии и обвинители.

– Ветингот не го спроведува извршната власт, туку мешовита комисија на експертско ниво, во која во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гаранти на процесот. Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има, а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета отколку нивното отсуство во судството. Поддржувам сè што значи исчистување на државната сцена од луѓе што се корумпирани, непрофесионални и во врска со мафијашки и други кругови за да се донесе поголем квалитет – рече Дескоска.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски деновиве појасни дека ветингот за судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен и да не се спроведува набрзина. И претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев рече дека ветингот е потребен за да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.

Во Албанија засега повеќе нечесни од чесни судии и обвинители

Премиерот Зоран Заев не се откажува од „прочистување“ на судии и обвинители затоа што граѓаните тоа го очекуваат. Според него, предизборното ветување за генерален реизбор во правосудството, сè уште не е реализирано бидејќи државата нема капацитет да ги пополни испразнетите места на судиите и обвинителите што би биле опфатени со ветингот.

– По систематизација во правосудството имаме 750 судии, а во моментот има 520. Ако стотина судии не може да го поминат ветингот, ние немаме од каде да ги надополниме тие места. Академијата за судии има „тесно грло“ и не продуцира многу луѓе – рече премиерот, кој гледа можно решение во кадрите што имаат над пет години искуство во правото, адвокати, универзитетски професори, а кои не доаѓаат од Академијата.

Соседна Албанија, која од 2016 година спроведува ветинг, се соочува со вакви проблеми. Таму е предвидено до 2021 година да бидат проверени квалификациите, имотот и заднината на 800 судии и обвинители, како и нивниот интегритет и поврзаноста со организираниот криминал. Досега се евалуирани 185 судии и обвинители, од кои 76 ја поминале проверката и ја задржале својата функција, 80 го паднале ветингот и се отповикани, а 29 судии и обвинители сами се откажале од функцијата за да не го минат процесот.

Партиите добија напад на чесност

Од владејачката СДСМ најавија постапка за целосен ветинг бидејќи е неприфатливо правдата да биде спречувана или поткопувана од институциите што треба да ја донесат.

– Треба да се направи дистинкција меѓу чесните и професионални судии и обвинители и оние што не се на нивото на професијата. Пред граѓаните ветивме правда, му дадовме шанса на судството, не испорача, но ние ќе направиме сè за да го оствариме – вели портпаролот Костадин Костадинов.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети смета дека има потреба од спроведување ветинг во сите институции во државава.

– Јас не можам да се занимавам со предрасуди, ниту со предвидувања за преполовување на судиите и обвинителите во процесот на ветингот. Тие што не го поминуваат ветингот не заслужуваат да бидат претставници на судството – рече Ахмети.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, најави методологија што ќе обезбеди вистинска реформа за независно судство, независно обвинителство и мониторинг врз нив.

– Тоа треба да го направиме најпрвин ние како политичари, да се оградиме од какви било влијанија. Да понудиме методологија, а потоа да понудиме спреги и кочници што ќе вршат мониторинг на работењето на судиите и обвинителите – вели Мицкоски.

Демократскиот сојуз повтори дека се залага за генерален реизбор на обвинителите и судиите, како и за коренити реформи во поставеноста на судскиот систем.

„Мега-аферата Рекет недвосмислено ги потврдува оценките дека постои спрега помеѓу центрите на моќ, политичкото и бизнис-подземје, како и мафијата, која е сè подобро организирана и присутна во Македонија. Само во Скопје нека се провери колку „ресторани“ отвори нарко и урбаната мафија каде што се дели кокаин и други дроги, се врши проституција итн. Без реформи во судството, нема владеење на правото и нема влез во ЕУ“, соопшти ДС.

Според Беса, Владата потфрли во реформирањето на главниот столб, судството.

– Пак се покажува дека предлогот на Беса за формирање државна комисија за реформи во судството е неопходен. Во таа комисија директно и со право на одлучување треба да учествуваат и експерти од САД и ЕУ и освен реформи, оваа комисија треба да спроведе и целосен ветинг во сите институции – рече Кастриот Реџепи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот