Ветингот е ветен, сега ЕУ бара да биде и сторен

Фото: Профимедиа

Ветингот во правосудството е ветен, допрва ќе се утврди како ќе се гарантира неговото квалитетно спроведување. Минатата недела еврокомесарката за правда Вера Јурова во Скопје изјави дека „со ветингот се гарантира дека секторот  правда е полн со професионалци и лица со морален интегритет за кои нема сомнежи“ и со тоа го отвори патот да почне издвојувањето на чесните од нечесните во правосудството, но и самата нагласи дека тоа нема да биде лесно.

На ова се надоврза премиерот Зоран Заев, кој и викендов повтори дека ветингот е планиран уште откако дошле на власт, но не почнале заради препораките од ЕУ, од каде ги очекувале резултатите од ветингот во Албанија и им сугерирале дека немаме доволно луѓе за да се пополнат работните места што би се испразниле во процесот.

Во моментов се потребни 750 судии и обвинители, а вработени се само 520. Академијата за судии и обвинители, според Заев, е „тесно грло“ и не произведува доволно кадар. Премиерот имаше идеја празнината да се пополнува со кадри кои имаат над 5 години искуство во правосудството, што, пак не е во согласнот со прецизните насоки од ЕК и особено од Франција, дека ниту еден кандидат нема да влезе во судството надвор од процесот на Академијата за судии и обвинители. Академијата трае вкупно две години, од кои 9 месеци за теориска настава, а 15 месеци пракса во судовите и обвинителствата.

– Ветингот може да го стартуваме, на претходно јасно утврден модел каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување, со конечна цел да направиме едно комплетно растресување и промена на менталното однесување во правосудството. Тоа паралелно треба да се случува и со државната власт, но би рекол и во други сегменти во општеството. Што е ново? Ново е тоа што сега ќе инсистираме на еден брз процес на продуцирање кадри за судии и обвинители. Тоа веќе стартуваше, 60 кандидати веќе завршуваат, ќе има и уште нови 60 кандидати. Верувам дека со ЕУ ќе обезбедиме и брза трака за оние со над 5 години работно искуство, како што се стручните соработници во судовите, адвокати, професори со над 5 години работно искуство, да имаат пократок период на учење низ Академијата – рече премиерот Заев во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Тој, слично како и недоамна министерката Рената Дескоска, ги опомена судиите дека не ги спроведуваат доволно казнените одредби од законите и не применуваат дисциплински мерки и додаде дека ветингот ќе значи лична, а не колективна одговорност.

Според министерката Дескоска, пак, не е проблем ако се испразнат места во судовите, затоа што „корумпиран судија на сите прави штета, подобро е да го нема отколку да го заразува здравото ткиво, подобро 100, 200 квалитетни, отколку 300 неквалитетни“.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски викендов истакна дека не е против ветинг.

– Правосдуството мора темелно да се реформира, а премиерот не треба да биде главниот човек кој ќе кажува кој судија како треба да работи. Премиерот треба да го ослободи судството од стегите и да создаде амбиент судиите да судат без политички притисоци според словото на законите и Уставот. Но, мора да има и одговорност за сите неправди и кршења на законите, апсолутна и да важи за сите подеднакво – рече Мицкоски.

Адвокатот Јани Митровски за „Слободен печат“ вели дека први на удар на евентуален ветинг треба да се носителите на јавни функции, па дури после судиите и јавните обвинители, затоа што „ноторен е фактот дека ниту еден функционер не си заминал посиромашен од функција“. Тој смета дека и сега законот предвидува казни за повеќе кривични дела во правосудтсвото, како злоупотреби на положбата и овластувањата итн.

– Санкција и сега предвидел законот, но нема кој да го примени. Ретко се изрекува и забраната за вршење на професија – вели Митровски.

Во врска со опасноста од голем број испразнети судиски места после ветингот, тој смета дека состојбата не е толку критична.

– Овој дел перцепцијата на лаичката јавност е погрешен и преувеличен. Тврдам дека директната финансиска корупција не е распространета колку што се смета, но, политичката корупција и влијание беа и останаа рак рана на македонското судство – вели Митровски.

И во Извештајот на Прибе во делот за состојбите во правосудството од 2015 година беше нотирано дека е мал бројот на проблематичните судии, но тоа се највлијателните судии и дрка вообичаено, кога судските предмети се интерес на политичарите, вообичаените стандарди се ставаат настрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот