ВЕТИНГ: Само се збори, никој не презема конкретна акција

Собрание / фото: Влада на РСМ

Партиите на големи ѕвона го најавуваат ветингот на судиите, обвинителите, политичарите, но засега до Собранието нема пристигнато ниту една иницијатива за проверка на нивниот имот. Ваквата информација за „Слободен печат“ ја потврдија собраниски извори кои велат дека во архивата нема регистрирано таков предлог закон за ветинг.

Како тема привлечна за ловење на гласови пред избори, партиите наголемо ја консумираат. Ветингот е во фокусот, особено откако некои судии дадоа ослободителни пресуди за екс премиерот Груевски, но и откако завчера беше пуштена во домашен притвор поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева. Но засега конкретна акција нема. Од партиите велат дека не се брзале, ќе чекале по изборите.

ДУИ кои први го отворија прашањето за ветинг и уште во јуни најавија драфт верзија, не се достапни за коментар, до каде е подготовката на законот.

Нивниот став е дека случајот „Рекет“ и вклучувањето на повеќе општествени елементи ја наметнале потребата за ветинг на сите политичари, на сите судии и на сите обвинители без никаков исклучок.

Од СДСМ велат дека процесот на ветинг ќе го започне по победата на предвремените парламентарни избори. Но предупредуваат дека релевантните инстиутции и искуството на државите околу нас кои започнале да го спроведуваат ветингот во судството укажува на тоа дека целиот процес треба да се одвива многу внимателно.

„Од таа причина ќе ја вклучиме домашната експертска јавност секако и ќе комуницираме со меѓународни експерти, а се со цел најдобро да го имплементираме процесот на ветинг без да бидат нарушени одредени постапки кои би ги засегнале граѓаните. До тој момент неколку пати ја повикуваме ДКСК, сите судии и јавни обвинители без исклучок“, велат во СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека методологијата на ветингот е согласно развојот на партиската програма со која ќе се претстават на предвремените парламенти избори, веднаш по доаѓањето на власт со суштинска ветинг процедура во која ќе бидат опфатени сите сфери.

„Навлегување во суштината на функционирање на инстиутцијата во којашто се врши ветингот, темелејќи се на вредности и професионалниот ангажан кој ќе го има лицето кој е предмет на ветинг, а не ветинг како што прави СДСМ каде што единствен услов е да си со партиска книшка, да си близок до Заев, Спасовски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред неколу години Хрватска ваквиот проблем го реши со измени во Кривичниот законик во кои стои, доколку функционер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста се прекинува, односно истата почнува да тече од моментот на престанокот на функцијата.

На ваков начин речиси не постои можност делото да застари. На пример, доколку министер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста почнува да тече од моментот на престанок на мандатот.

Доколку судија или обвинител сторат кривично дело за време на вршење на својата функција, во тој случај застареноста почнува да тече по констатирање дека ги исполниле условите за старосна пензија. Исто така, Кривичниот законик на Хрватска предвидува и построго казнување на функционери, во однос на други сторители за исти кривични дела, поаѓајќи од фактот дека функционерите треба да имаат повеќе развиена свест од останатите и да служат за пример пред другите граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот